Судскиот Совет изгласа разрешување на претседателката Дамева

Со седум гласа за претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева е разрешена од функцијата, констатираше нејзиниот заменик Селим Адеми на денешната седница на Судскиот совет. По кавгите кои траеа неколку часа, а откако Дамева одби да се стави на гласање точка која ја немаше на дневен ред, нејзиниот заменик реши да се гласа со кревање рака. Седум членови го поддржаа заменикот, кој го презеде раководењето на седницата при нејзино присуство.

Дамева бараше да се констатира дека и е одземено раководењето со седницата иако таа е присутна. Таа додаде дека ако оваа одлука биде озаконета, лица од политиката ќе бидат задоволни.

„Ви благодарам многу, ме спасивте мене, оваа одлука е противзаконска. Но нечии желби треба да бидат исполнети. Со гласање од седум гласа, каде нема утврдено ниту основ за разрешување, ниту број на гласови со кои се носи одлуката, ме разрешуваат… Ова не знам како ќе заврши, освен што одредени лица од политиката ќе бидат задоволни од ова. Судскиот совет се вклучи во анархија. Се излезе од контрола. На мое присуство ми се зема право на збор“, рече Дамева.

Инаку денешната седница на Судскиот совет почна со низа обвинувања. Потпретседателот Адеми побара Дамева да биде разрешена, бидејќи како што рече, таа го криела писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер и не им го давала на членовите. На ова реплицира Дамева, која рече дека била на одмор, а тој како нејзин заменик го примил писмото и требало да го презентира.

Во писмото што американската амбасадорка го испрати до извршната и судска власт се изразува загриженост и разочарување околу големиот број предмети, што Апелација ги враќа на повторно судење, поради што во меѓувреме застареа дел од предметите кои се водеа против дел од обвинетите. Ова во изминатите недели се случуваше со пресудите против поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …