Судскиот совет на денешната седница одлучил да ја разреши судијката во Врховниот суд Лидија Неделкова. Претседателот на Советот, Киро Здравев соопшти дека одлуката била донесена едногласно, со тајно гласање, извести „360 Степени“.

Лидија Неделкова добила и забрана за извршување на судиска функција до правосилност на одлуката, односно додека Советот за жалби во Врховниот суд, каде Неделкова има право да се жали, не донесе одлука. Таа најави жалба на одлуката за разрешување.

Здравев рече дека причините за разрешувањето се „ненавремено, немарно, несовесно извршување на нејзините работни обврски, повреда на Судскиот деловник односно Кодекс за судиска етика“. Претставки против Неделкова поднесе поранешниот нејзин колега, сега разрешен претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски.

Една од причините за одлуката, според „360 Степени“, е што за време на референдумот кога итно требало да се одлучува по жалби, Неделкова излегла порано, а потоа не се вратила и не учествувала на седницата. Неделкова тврдела дека излегла порано за да пречека мајстори дома, при што паднала и задобила скршеница на вилицата, а ѝ се скршил и мобилниот телефон, па затоа не можела да го извести судот дека не може да се врати навреме и да одлучува за жалбите, потсетува „360 Степени“. Втората причина за разрешувањето е што користела три дена годишен одмор без да добие решение за тоа.

Извор:МЕТА