Судството и обвинителството – најверни „коалициски партнери“ на ДПМНЕ и злосторничкото здружување

Пишува: Зоран Милошески

Поради нестручно и несовесно вршење на функцијата, конкретно заради злоупотреба на АКМИС-системот, деновиве Судскиот совет ја разреши судијката од Основниот кривичен суд во Скопје, Татјана Михајлова.

Михајлова е втора судијка кај која беа лоцирани злоупотреби со АКМИС-системот, откако претходно Владимир Панчевски беше осуден на 3.5 години затвор, бидејќи од позиција на претседател на Кривичниот суд рачно доделувал предмети кај „подобни“ судии. На таков начин распределил околу 40 предмети, меѓу кои и два случаја на Специјалното јавно обвинителство. Во меѓувреме, заради нестручно и несовесно работење, разрешени беа уште двајца судии, а охрабрувачки делува податокот дека изминатата 2020 година, пред Судскиот совет биле покренати постапки за утврдување одговорност на 107 судии.

Сето ова како да ја подразбуди изгубената надеж во заборавената правда. Меѓутоа, истовремено тоа значеше и потурање сол на раната наречена „нема правда, нема мир“, или, неказнивност и слобода за огромниот број функционери од претходната власт, за кои јавноста (со право) очекуваше да завршат зад решетки.

Што се случи со поранешните градоначалници на ДПМНЕ, чија работа подолг временски период ги полнеше страниците на весниците и беше ударна вест во ТВ дневниците? Дали и во нивните случаи некој го злоупотребил АКМИС-от и предметите рачно ги делел на „подобни“ судии? Кој му судел, на пример, на Двојче? Дали предметите против Марјан Ристески, по правило или „случајно“ во најголем дел завршувале кај еден ист судија? Дали основните јавни обвинителства постапувале и ги процесирале поднесените пријави, или пак најголемиот дел од нив биле отфрлани како „неосновани“? Свесно ли се форсира тактиката на застарување на поднесените пријави? Кој е поверен „коалициски партнер“ на ДПМНЕ и злосторничкото здружување – обвинителството или судството?

Последната кривична пријава која МВР ја поднесе против поранешниот прилепски градоначалник Марјан Ристески и против осум физички и две правни лица, а со која осомничените ги товари за продажба на државно земјиште со лажни имотни листови, ја потсети јавноста на неговото „славно“ 12-годишно владеење со општина Прилеп.

Во изминатите неколку години против Ристески, по разни основи и за различни дела, до прилепскиот Основен суд беа поднесени десетина кривични пријави. Како подносители на пријавите се јавија повеќе правни и физички лица, меѓу кои и Општина Прилеп, Надворешната канцеларија за криминалистички работи-Прилеп, Општинската организација на СДСМ-Прилеп и адвокатот Жарко Стеваноски.

За работата на Ристески интерес покажаа и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во Скопје, како и сега непостоечкото Специјално јавно обвинителство.

Во еден случај кој сеуште не добил епилог, на екс градоначалникот му беше изречена мерка на претпазливост, односно му беше одземена патната исправа, со обврска еднаш неделно да се пријавува во прилепскиот Основен суд.

Единствената судска пресуда со која Марјан Ристески беше прогласен за виновен, е онаа од 16.08.2017 година, со која за стореното кривично дело „Несовесно работење во службата“, беше осуден на парична казна во износ од 60 дневни глоби. Со оглед на тоа што висината на една дневна глоба изнесува 10 евра, а имајќи во предвид дека за време на неговите три последователни градоначалнички мандати со негов личен потпис Општината потрошила преку 100 милиони евра, изречената казна од “дури“ 600 евра му доаѓа како „мачкина кашлица“.

Она што исто така треба да се истакне, е дека во 2015 година, во време кога ДПМНЕ имаше апсолутна власт во државата, Ристески беше парично казнет од Министерството за култура. Имено, заради подигнување на спомен-обележја без претходно донесена Програма за одбележување на значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја за период од 5 години, секторот за управен и инспекциски надзор при Министерството за култура му изрече казна во висина од 1.500 евра, а со 5.000 евра беше казнета и Општина Прилеп.

И тоа е се’ што како казна за својот 12-годишен „домаќинлак“ го заработи Марјан Ристески. Да не е смешно, ќе беше жално!

Но, дури и после 40 месеци од неговото заминување од власт, не е предоцна неправдата и неказнивоста да им отстапат место на правдата и изречените строги, но правични судски пресуди. Не само заради тоа што сето ова е во директна корелација со, од страна на министерот за правда Бојан Маричиќ, најавеното професионално филтрирање на правосудството и расчистување со „сваровски“ судството, туку првенствено заради изодените километри на илјадници храбри и достоинствени приврзаници на Отпорот и Шарената револуција, чии идеали беа рушење на режимот, создавање правна држава и општество во кое граѓаните ќе бидат еднакви пред законот.

За правда и правичност секогаш е време – и пред, и после избори. Оттаму, минимизирањето на сите новоподнесени пријави и изречени судски пресуди против поранешни но и актуелни функционери, нивното импутирање во функција на претстојната предизборна кампања, претставува релативизирање на искрените намери за справување со криминалот и корупцијата.

Правдата нема алтернатива. А, во секој случај, дури и спората правда е подобра од неправдата!

Прочитајте повеќе

Средба Џафери – Зеленски во Тирана, потпишана заедничка изјава за евроатлантските интеграции на Украина (видео)

Претседателот на Владата, Талат Џафери, во рамки на работната посета на Република Албанија, се сретна …