Сугарески: Ресорот транспорт има одлична реализација на капитални инвестиции

„Во однос на капиталните инвестиции ресорот транспорт има одлична реализација. Во делот на гасификацијата реализирани се 71% од планираните инвестиции, во делот на патната инфраструктура се реализирани околу 50% од планираните инвестиции, во изградбата на социјални станови бележиме 100% реализација, работиме на дваесетина проекти во изградба на водоводи и канализации во вредност од околу 10 милиони евра, изградбата на пругата кон Бугарија е засилена и очекуваме делот од Куманово до Бељаковце следната година да биде завршен“,  истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешниот увид во рехабилитација на регионалниот пат Драчево-Орешани-Таор.

Сугарески истакна дека градежната офанзива продолжува и во наредниот период.

„Засилено се работи насекаде низ државата, до крајот на овој месец завршуваме со реконструкција на 3 регионални патишта, а до крајот на септември ќе завршиме со рехабилитација на уште 13 патни правци или со вкупна должина од околу 150 километри. Подобрувањето на состојбата на патиштата е од особено значење и за граѓаните и за компаниите, затоа со ЈП за државни патишта максимално сме посветени на реализација на она што го ветивме и во текот на следниве два месеци ќе започнеме со рехабилитација на десетина регионални патни правци“, – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Регионалниот пат Драчево-Орешани-Таор се рехабилитира во должина од 9 километри, а вредноста на инвестицијата е 1,7 милиони евра.  Градежните работи се одвиваат со забрзана динамика и се очекува до крај на месец септември  овој пат да биде завршен.

Во овој дел од Скопје, во јули заврши и рехабилитацијата на патот од Драчево до Јурумлери, во должина 4 километри и во вредност од скоро 1 милион евра.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека до крајот на септември по Рамковниот договор преку ЈП за државни патишта се завршуваат околу 140 километри патишта, преку ЈП Македонија пат околу 90 километри, со средства од Светска Банка 120 километри, а со средства обезбедени преку Европска банка за обнова и развој се завршуваат 113 километри патишта.

„Почетокот на октомври ќе го дочекаме со 450 километри рехабилитирани патишта. Сакам да направам една мала споредба: од 2007 година до 2016 година во нашата држава беа рехабилитирани околу 650 километри патишта. Ние само за една година рехабилитиравме патна мрежа во должина од 500 километри. Деновиве отпочнаа нови јавни повици за рехабилитација на регионални патишта со вкупна должина од 65 километри “ – изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Според директорот Китанов, со завршување на туристичката сезона ќе отпочне да се реконструира и автопатот од Катланово до Петровец и од Миладиновци до Петровец.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …