Сугарески: Унапредувањето на инфраструктурата во државата останува стратешки приоритет на Владата

„Инвестираме 1,3 милиони евра во рехабилитација на регионалниот пат Фурка – Богданци – Гевгелија и 1 милион евра за реконструкција на патот Смоквица – Прдејци, со што решаваме еден од најголемите проблеми на жителите во овој регион“, истакна министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески при денешната посета на општина Богданци.

Тој, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков и градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов, направија обиколка на инфраструктурните проекти што државата ги реализира во овој регион.

Во изјава за медиумите, министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески истакна:

„Покрај овие проекти, завршивме со рехабилитација и на неколку други регионални патишта, генерално работиме на подобрување на целокупната патна мрежа во регионот. Она што е особено важно, е дека ќе ја реконструираме делницата на автопатот од Гевгелија до граница и практично тоа е делот што недостасува за да имаме комплетно модернизиран автопат на Коридорот 10. Унапредувањето на инфраструктурата во државата и понатаму останува стратешки приоритет на Владата. Во таа насока продолжуваме со оние крупни инвестиции што ги најавивме: рехабилитирање на преку 400 км патишта, гасификација на земјата, изградба на железницата и подобрување на комуналната мрежа“, изјави министерот.

Директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека ова е еден од најоштетените патишта во државата, кој околу 50 години не бил реконструиран.

„Во овој регион го завршивме и патот од Гевгелија до Негорци, а на барање на граѓаните ќе го реконструираме и прошириме делот од Богородица до Богданци и ќе ја реконструираме обиколницата на Богданци. Проектната документација за овие проекти е во тек и веднаш по нејзиното завршување, некаде во септември, ќе бидат распишани јавни повици за избор на Изведувач и ќе се започне со градежните работи. Во периодот што следува, по завршувањето на туристичката сезона, планираме со отпочнување на уште два проекти, а тоа е рехабилитација на патот од Стар Дојран до граница и од Раброво кон Фурка“, изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.

Директорот Китанов додаде дека за само година и 2 месеца почна првото пробно асфалтирање на експресниот пат Штип – Радовиш, отпочнати се и работите од  Крупиште до Кочани, а привршува изградбата на делницата од Штип до Крупиште.

Градоначалниците на Богданци и Гевгелија истакнаа дека унапредувањето на патната инфраструктура е од особено значење за граѓаните и за економски развој на регионот.

Прочитајте повеќе

Одбележана 4-годишнината од членството на Северна Македонија во НАТО (Видео)

Во Министерството за одбрана, денеска со свечена церемонија на која се обратија првиот вицепремиер за …