Сведоштво за КРИК: Во убиството на Оливер Ивановиќ учествувале групата на Беливук и Веселиновиќ

Косовскиот политичар и лидер на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“, Оливер Ивановиќ бил убиен по наредба на Звонко Веселиновиќ кој бил поддржан од заменик-претседателот на Српската листа, Милан Радојичиќ, и двајцата се на листата за санкции на американското Министерство за финансии, се вели во сведоштвото кое го објави српската Мрежа за истражување на криминал и корупција (КРИК).

Бобан Богдановиќ, долгогодишен пријател на убиениот криминалец Александар Глигоријевиќ Пуки, член на кланот на озлогласениот Вељко Беливук, изјави за КРИК дека Оливер Ивановиќ бил убиен од Љубомир Лаиновиќ, а убиството било по нарачка на бизнисменот Звонко Веселиновиќ.

Богдановиќ изјави за КРИК дека неговиот пријател Александар Глигоријевиќ му ја кажал вистината за убиството на српскиот политичар Оливер Ивановиќ.

Според него, на 7 март 2020 година на спортски натпревар Глигоријевиќ му кажал кои се организаторите и кој е убиецот на Ивановиќ.

Според Богдановиќ, убиецот на Оливер Ивановиќ е Љубомир Лаиновиќ кој е син на еден од најопасните луѓе во Нови Сад, Бранислав Лаиновиќ Дуги.

„Тој го изврши тоа убиство. Човекот кој го организираше неговото пристигнување на Косово кој ја подготви логистиката за атентатот на Ивановиќ е Милан Радоичиќ. Човекот кој го организирал убиството е Звонко Веселиновиќ. Вака ми кажа Александар Глигоријевиќ“, изјави Богдановиќ за КРИК.

Според него, Вељко Беливук му дал 50 илјади евра на Љубомир Лаиновиќ за да го изврши убиството на Ивановиќ.

Александар Глигоријевиќ Пуки подоцна беше убиен во средината на 2020 година – беше обезглавен во куќа позната како „кланица“ во белградската населба Ритопек, а обвинителството тврди дека Беливук стои зад убиството на неговиот соработник. Телото му било избодено и на грбот врежан зборот „предавство“ затоа што дознале дека се свртел против нив.

Богдановиќ зборуваше за КРИК и за врските на Глигоријевиќ со Српската напредна странка на претседателот Александар Вучиќ и други детали од криминалот и спортот.

„Тој беше тепачот на Српската напредна странка. Тоа беше дел од тој фолклор – џипови, безбол палки, контролирани гласачи, носење гласачи. Ми кажа дека учествувал и кога бил инаугуриран претседателот Вучиќ“, вели Богдановиќ.

Како доказ за дел од тврдењата изнесени во интервјуто, Богдановиќ на новинарите на КРИК им овозможи увид во пораките што ги разменил со Глигоријевиќ, а дел од нив се објавени во написот.

Богдановиќ сведочи дека убиството се случило заради нерасчистени сметки меѓу Ивановиќ и Звонко Веселиновиќ.

„Оливер премногу му влезе во ребрата на Звонко во врска со неговите работи и тоа се нерасчистени сметки и затоа мораше така да заврши“. Оливер таму беше опасен за интересите на Веселиновиќ и неговиот кум од една страна, од друга страна го поврзав тоа, политичката смрт на Оливер Ивановиќ значеше многу за натамошниот политички развој поврзан со Косово“, рече Богдановиќ.

Оливер Ивановиќ беше убиен во јануари 2018 година пред неговата канцеларија во Северна Митровица. Судскиот процес за убиството на Ивановиќ кој се води во Косово минатата година почна од почеток, бидејќи во меѓувреме беше сменето обвинението од декември 2019 година.

Шестмината обвинети повторно се изјаснија за невини за убиството на Ивановиќ.

Недељко Спасојевиќ, Марко Росиќ, Раде Басара и Силвана Арсовиќ се обвинети дека биле дел од организирана криминална група која го извршила убиството, додека двајца припадници на косовската полиција Драгиша Марковиќ и Жарко Јовановиќ се обвинети за злоупотреба на положбата. Јовановиќ веќе признал дека нелегално поседувал оружје.

Радоичиќ, како и неговиот кум Веселиновиќ, имаат силни врски во политиката, за што КРИК пишуваше претходно.

И двајцата беа под истрага од БИА која ги идентификуваше како водачи на криминална група која шверцува дрога, оружје и нафта, како и изнудување и перење пари, а против нив се водеа и бројни истраги и постапки, но во најголем дел беа ослободени.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Западен Балкан под ризик од меѓуетничко насилство во 2024, проценуваат американските разузнавачи

Во годишниот извештај за глобалните закани на Разузнавачката заедница на Соединетите Држави, се наведува дека …