Светот одлучи да ја исфрли Русија од Советот за човекови права на ОН

Светот одлучи да ја исфрли Русија од Советот за човекови права на ОН

Генералното собрание на Обединетите нации (ОН) вчера со неопходното двотретинско мнозинство одлучи да ја исфрли Русија од Советот за човекови права на ОН, информираат од ОН. Ваквиот чекор следи откако беа објавени наводите за воени злосторства направени од руската војска во Украина.

Усвоената резолуција ја поддржаа 93 земји, 58 беа воздржани, а 24 земји гласаа против. Меѓу земјите кои ја поддржаа Русија беа недемократските режими на Северна Кореја, Сирија, Иран, Кина и Куба.

Пред да се гласа, украинскиот амбасадор во ОН Сергиј Кислица ја обвини Русија за „ужасни“ злоупотреби – покренувајќи го прашањето за наводните убиства на цивили во градот Буча. Тој додаде дека илјадници цивили од десетици украински градови и села биле убиени, малтретирани, силувани и ограбени по руската окупација на овие територии.

Од ОН велат дека ова не е прв случај земја-членка на Советот за човекови права на ОН да биде исфрлена. Претходно, Либија во 2011 година под водство на Моамер Гадафи беше суспендирана од Советот, поради тоа што Гадафи крваво ги задуши граѓанските протести против него пред да започне војната во Либија.

Инаку, вчерашното гласање се случи на денот кога се одбележува геноцидот во Руанда извршен во 1994 година. Украинскиот амбасадор во ОН, Кислица извлече паралели во својот говор со оваа мрачна страна од човековата историја.

„Геноцидот во Руанда беше воглавно последица на индиферентноста на светската заедница, кога ОН не одговорија на предупредувањата на Советот за безбедност на ОН и на Генералното собрание, една година пред трагедијата што ја одбележуваме точно на овој ден. Денес, во случајот со Украина, не станува збор дури ниту за една година, бидејќи трагедијата се случува во овој момент пред нашите очи“, изјави украинскиот амбасадор во ОН.

Генадиј Кузмин, рускиот амбасадор во ОН го осуди вчерашното гласање, повикувајќи ги земјите-членки на ОН да гласаат против „обидот на западните земји и нивните сојузници да се сруши постојната архитектура на човековите права“.

Македонија ја поддржа резолуцијата за исфрлање на Русија од Советот за човекови права на ОН, но ваквиот чекор вчера го презеде и соседна Србија. Српскиот претседател Александар Вучиќ пред домашната јавност објасни дека Србија не е политички неутрална земја, бидејќи се наоѓа на европскиот пат кон зачленување во ЕУ, појаснувајќи го гласањето на неговата земја во Генералното собрание на ОН, пренесува Политика.

Американскиот претседател Џо Бајден го поздрави гласањето во Генералното собрание на ОН, кое доведе до исклучување на Москва од Советот за човекови права на ОН, пренесува Политико.

„Лагите на Русија не можат да се споредат со неоспорните докази за тоа што се случува во Украина“, изјави претседателот Бајден.

„Токму поради тоа нациите од секој регион ја осудија руската неиспровоцирана и брутална агресија врз Украина и ги поддржаа храбрите луѓе на Украина во нивната борба за слобода“, рече тој.

Прочитајте повеќе

Кривична пријава од СДСМ Прилеп за Јовчески

СДСМ Прилеп: Кривична пријава за градоначалникот Јовчески заради незаконски потпишан анекс на Договор за јавна набавка

Прес-конференција на Моника Грашеска Илиеска, координатор на советничката група на СДСМ и Коалицијата во Советот …