медицина лекар
Prescription

Светски ден на ракот: Дневно во земјава умираат по 10 луѓе

Светскиот ден на ракот земјава го дочекува во период кога речиси целата доверба во здравствениот систем е расклатена со отворањето на истрагата за случајот „Онкологија“ и со зголемена стапка на смртност во последниве 22 години

Денеска се одбележува Светскиот ден на ракот, а земјава денот го дочекува во период кога речиси целата доверба во здравствениот систем е расклатена со отворањето на истрагата за случајот „Онкологија“, во кој се осомничени поранешните медицински и организациски директори на Клиниката за онкологија Нино Васев и Нехат Нухи и тројца доктори – онколози. Паниката и недовербата кај пациентите е оправдана, а оптимистички не се ниту бројките во земјава кога станува збор за морталитетот.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје, во Македонија после болестите на циркулаторниот систем, малигните неоплазми со 3.809 смртни случаи во 2022 година се втората најчеста причина за смрт. Ова практично значи дека дневно 10 луѓе од земјава ја губат битката со ракот.

Светски ден на ракот: Дневно во земјава умираат по 10 луѓе
Морталитет од малигни неоплазми / Извор: ИЈЗ

Расте и стапката на смртност од карцином во последниве 22 години. Па така, во периодот 2010-2022 година, стапката на морталитет се движи од 180,3 на 100.000 население во 2010 година до 207,9 во 2022 година. Стапката на морталитет од малигни неоплазми во периодот 2010-2022 година е повисока кај мажите во однос на жените. Во 2022 година од рак починале 2.227 мажи и 1.582 жени.

Светски ден на ракот: Дневно во земјава умираат по 10 луѓе
Извор: ИЈЗ

Кај мажите, најчеста причина за смрт од рак, во периодот 2010-2022 година, е малигната неоплазма на белите дробови со стапка на морталитет која се движи од 64,8 во 2010 година до 58,2 во 2017 година, 67,3 во 2018 година, 56,1 во 2021 година и 65,5 на 100.000 мажи во 2022 година.

Во 2022 година, од рак на бели дробови починале 595 мажи.

Кај жените најчеста причина за смрт од малигни неоплазми во периодот 2010-2022 година е ракот на дојка. Стапката на морталитет се движи од 30 во 2010 година, 32,6 во 2021 година до 38,5 на 100.000 жени во 2022 година, односно во 2022 година од малигни неоплазми на дојка починале 356 жени. Според овие бројки, смртноста од рак на дојка кај жените е во пораст, односно речиси секој ден умира по една жена.

Светски ден на ракот: Дневно во земјава умираат по 10 луѓе
Стапка на морталитет од рак на дојка кај жени / Извор: ИЈЗ

Унијата за меѓународна контрола на ракот (UICC), организатор на Светскиот ден на ракот, ги охрабрува сите да побараат од нивните влади да ја подобрат здравствената правичност, да овозможат услугите за рак да се достапни за целото население и да ги намалат разликите во инциденцата и смртноста од рак.

Ова се барањата од Унијата за меѓународна контрола на ракот до сите влади во светот:

1. Да се зголеми финансирањето за истражување на ракот, и да се поттикне соработката помеѓу истражувачите, давателите на здравствена заштита и организациите во заедницата за да се разберат и да се решат разликите.

2. Во секоја земја да се воспостави Регистар за рак заснован на населението и врз основа на Регистарот да се носат одлуките за политиките и распределбата на ресурсите и да се оценуваат стратегиите за контрола.

3. Да се спроведува ефикасна национална стратегија за рак, да се наведат активностите што треба да се преземат за превенција, дијагностика, третман, палијативна грижа, грижа за преживување, собирање податоци и следење на ракот.

4. Да се обрне внимание на финансиските тешкотии и бариерите со кои се соочува недоволно згриженото население.

5. Да се вклучат сеопфатни услуги за рак во националните пакети за здравствена заштита, да се постигне универзална здравствена покриеност, која опфаќа превенција, скрининг, дијагностика, третман (лекови, радиотерапија, хирургија), поддржувачка (супортивна) и палијативна нега и услуги за преживување.

6. Да се подобри здравствената писменост и едукација за ракот, да се користат соодветни материјали и обуки за давателите на здравствени услуги за ефективна комуникација со пациентите.

7. Да се регулира производството, продажбата и маркетингот на канцерогени производи (тутун, алкохол, ултра-преработена храна) преку зголемено оданочување, маркетиншки ограничувања, подобрено означување на производите и кампањи за јавна едукација.

8. Да се спроведат рутински скрининг програми за најчестите карциноми, да се интегрираат во постоечките програми за здравствена заштита.

9. Да се унапреди грижата насочена кон пациентот,односно да се препознаат посебните потреби на сите пациенти, охрабрувајќи го ангажманот на пациентите во носењето одлуки.

10. Да се посвети внимание на социјалните детерминанти на здравјето, кои ја попречуваат можноста на поединецот да пристапи до грижа за ракот, справување со предрасудите и претпоставките засновани на различни социјални обележја преку работа со заедниците за поефективни програми насочени кон луѓето.

Проценките се дека секоја година 10 милиони луѓе умираат од рак, што е повеќе од ХИВ/СИДА, маларија и туберкулоза заедно. До 2030 година, експертите предвидуваат смртните случаи од рак да се искачат на 13 милиони.

Една третина од случаите можат да се спречат, преку имплементирање на стратегии соодветни на ресурсите за превенција, како и рано откривање и лекување.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Кузеска за ДПМНЕ

Кузеска: За само100 дена ДПМНЕ ја загрози безбедноста на граѓаните и создаде несигурност по улиците

Во изминативе 100 дена, откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт, безбедноста е на многу ниско ниво, …