Тече гласањето на вториот круг од локалните избори

Тече гласањето на вториот круг од локалните избори

Се очекува да нема проблеми со апаратите за отпечатоци од прсти, но и побрзо пребројување на резултатите поради помал број гласачки ливчиња во споредба со првиот круг.

Навреме и без проблеми во седум часот почна гласањето во вториот круг од седмите локални изборни во земјата, со исклучок на мал дел избирачки места каде има мали технички проблеми со уредите за биометриска идентификација, кои според ДИК брзо се надминуваат.

Во 34 општини изборот на градоначалници заврши во првиот круг, а денеска избирачите во 44 општини и во градот Скопје ќе може да гласаат за еден од двајца кандидати за градоначалници кои влегоа во вториот изборен круг. Право на глас имаат 1.353.990 избирачи на 2.481 избирачко место. Во две општини ќе има прегласување на по едно избирачко место.

Во општините Центар Жупа и Маврово и Ростуше изборната постапка треба да се повтори поради тоа што во првиот круг, на 17-ти октомври, не беше исполнет условот за излезност на најмалку една третина од запишаните избирачи, па за нив повторно ќе се распишат избори.

Дополнително обучени избирачките одбори 

Во првиот круг од изборите имаше проблеми со уредите за биометриска идентификација во голем дел од гласачките места, па дел од избирачите гласаа со оставање отпечаток од прст на избирачкиот список. ДИК очекува такви проблеми да нема на денешното гласање, бидејќи биле спроведени дополнителни обуки за Избирачките одбори. Исто така, ДИК ангажирала над 400 лица за техничка поддршка на избирачките места.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски во саботата изјави дека денеска очекува мирен изборен ден и демократско гласање, без проблеми со апаратите за отпечатоци од прсти, но и побрзо пребројување на резултатите поради помал број гласачки ливчиња и помалку кандидати во споредба со првиот круг од изборите.

Според ДИК, мирно и без проблеми помина вчерашниот ден од гласањето, кога правото на глас можеа да го остварат вкупно 7.645 избирачи, а гласале 6.710. Од запишани 1.409 гласачи во 14 казнено поправни установи, гласачкото право го оствариле 943 избирачи. Во установите за вонсемејно згрижување од запишани 266 избирачи гласале 212. Од пријавени 5.588 болни или немоќни лица гласале 5.287. Од пријавени 376 лица кои се во домашен карантин или на кои им е определена мерка самоизолација поради Ковид -19, гласале 268 лица.

Следење на регуларноста 

За време на изборниот молк од полицијата известија за одредени инциденти со изборен поткуп и агитација, а видео снимки со наводи за такви активности во некои општини, објавија и дел од медиумите.

Јавното обвинителство соопшти дека преку формираната привремена Комисија за следење на евентуални нерегуларности поврзани со извршување на кривични дела против изборите и гласањето и други кривични дела кои би биле сторени при организирањето и спроведувањето на локалните избори, продолжува во континуитет да ги следи случувањата поврзани со изборниот процес. За таа цел денеска ќе бидат воспоставени дополнителни дежурства во јавните обвинителства, каде итно и со приоритет ќе постапуваат по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите.

Во недела до 19 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321 кај Народниoт правобранител, на која граѓаните ќе можат да пријават каква било повреда на избирачкото право. Покрај главната канцеларија во Скопје, ќе бидат и отворени подрачните канцелари на народниот правобранител во Битола, Кичево, Куманово, Штип, Струмица во Тетово, со цел да им се помогне на граѓаните во остварувањето и заштитата на избирачки права. Во текот на целиот ден ќе биде отворена и канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Изборниот процес ќе го следат 1.598 акредитирани набљудувачи, од кои 1.220 домашни и 368 странски, како и 10 странски новинари.

Извор: DW

Прочитајте повеќе

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Постизборни коалиции причина за кавга меѓу политичките партии

Кој ќе формира нова Влада по парламентарните избори 8 мај, беше главното прашање по кое …