Тела без души

Тела без души

Пишува: Зоран Милошески

Не постои функција или професија „јавна личност“, но затоа постојат личности кои извршуваат јавни функции. За разлика од „обичните“ професии, секој оној кој на еден или друг начин станал дел од јавниот живот, го презел на себе ризикот да биде постојано под лупа на јавноста. Да биде изложен на јавно жигосување и оговарање, да биде обожуван и мразен, вивнат до облаци и срамнет со земја, да биде предмет на говор на омраза и чергиче за бришење на туѓите искашкани опинци.

Секој кој тоа нема да го прифати како „опис и попис“ на карактерот на својата професија, треба со време да се преориентира во друга општествена сфера каде никому нема да „боде очи“.

Со земањето замав на социјалните мрежи, пред се’ фејсбукот, луѓето го изгубија правото на приватност. Особено јавните личности. Дежурните фејсбук пазачи, демнат над вашите животи. Кажуваат што треба, а што не треба да правите. Обвинуваат и, по итна постапка, судат и пресудуваат. И сега вие треба, или да се обидете да ја докажувате вашата невиност, што е катастрофална грешка и обид однапред осуден на неуспех, или да ги игнорирате и да ги оставите ѕверовите да се хранат со остатоците од тоа што самите си го сервирале на маса.

Занимавањето со туѓите животи, на голем број човечки битија, кои само формално припаѓаат на видот homo sapiens, им стана патолошка опсесија. Нужност. Душевна храна.

Не постои доволно лоша лична или колективна несреќа и трагедија, која нив не ги усреќува до степен на егзалтација. И колку туѓата судбина е потешка и потрагична, колку тие со својот придонес, со искажаната квалификација и донесена пресуда им го отежнале животот на „грешниците“, толку нивниот живот е поисполнет. Бидејќи, на што би личеле нивните и онака празни и бедни животи, кога не би се занимавале со туѓите?

Притоа, она што мора да се истакне, е дека партиската, етничката и верската припадност за ваквите суштества, е целосно неважна. Бидејќи, сите тие имаат еден заеднички именител и спаѓаат во една категорија – нелуѓе!

Којзнае колку несреќа и зла коб носат во себе, колку клетви и лоши мисли ја параат внатрешноста на нивните тела. Тела без души. Без чувства. Без нацртана граница и повлечена црвена линија, до каде можат да одат со сеењето омраза. Оти, ако нема исав, играњето со човечки судбини има своја цена, која еден ден ќе стигне за наплата.

Освен да навредат, повредат, наклеветат, омаловажат и уништат, ваквите суштества имаат и своја „ѕвезда водилка“ – да креираат туѓи животи, да ги натераат подобрите од себе да се откажат. Да се предадат. Да отстапат пред нивната мизантропија. Без борба да им го препуштат сопственото поле на живеење. Во кое тие само би вмарширале и во кое подоцна, бездруго, не би знаеле што со себе!? Што потоа? Е, па, тогаш кога повеќе ќе нема што да глодаат, ѕверовите почнуваат да се јадат меѓу себе!

Денес, после толку многу премрежија во животот, после преживеаните отказни решенија, опожарени гаражи и запалени автомобили, сите валканици и гнасотилаци кои малите и безначајни човечиња после тоа ќе ви ги импутираат,  делуваат – мотивирачки!

Многу мудреци и паталци кажале зборови за демначите над туѓите животи. Се прашувале, што е тоа во луѓето тажно, па мора да живеат во животи туѓи? Рекле, во животот ќе ви простат се’, освен успехот. Или, биди никој, биди ништо, и тогаш никој никогаш нема да се занимава со тебе.

Конечно, големиот Достоевски напишал: „Ако застануваш да фрлаш со камен по секое куче кое те лае, никогаш нема да стигнеш до целта“.

Затоа, лајте кучиња!

Прочитајте повеќе

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

Сенатот ја одобри долгоочекуваната воена помош за Украина

По повеќемесечни одлагања, и Сенатот на САД го одобри пакетот помош за Украина од 61 …