Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најпрво изјави дека светот правел стратегија за тоа како да ја скрши неговата партија и да ги премислел пратениците за да ги изгласаат уставните измени во Собранието, а еден ден подоцна тој си го промени ставот со изјава дека владата ја притискала меѓународната заедница за да врши тортура врз ВМРО-ДПМНЕ
Од изрази на потсмев и укажувања за недораснатост за лидерската функција што ја има до сериозни предупредувања дека изјавите на Христијан Мицкоски може да предизвикаат меѓународна изолација на нашата земја. Со ваква содржина се дел од реакциите, откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ најпрво изјави дека светот правел стратегија за тоа како да ја скрши неговата партија и да ги премисли пратениците за да ги изгласаат уставните измени во Собранието, а еден ден подоцна тој си го промени ставот со изјава дека владата ја притискала меѓународната заедница за да врши тортура врз ВМРО-ДПМНЕ.
„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 пратеници да изгласаат предавнички уставни измени во Парламентот скроени по бугарски диктат. Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“, порача Мицкоски од собирот во Кичево.
Снимките на социјалните мрежи покажуваат дека изјавата на Мицкоски е проследена со емоционални изблици на партиските членови, кои се против уставните измени. Наместо да ја смирува ситуацијата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го засилува националистичкиот набој меѓу партиското членство за време на одлучувањето за прашањето за уставни измени во Собранието на РСМ.
Изјавите на Христијан Мицкоски дека светот правел стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ предизвикаа остри реакции на социјалните мрежи.
„Аууу, тежок ден за македонскиот Јасер Арафат тако звани Жмицко. Му претстојат тешки разговори со амерканскиот, империјалистичкиот и ционистичкиот непријател“, е една од реакциите на социјалната мрежа Х.
„Очекувам овој утре, задутре да го пречека Ескобар во војводска униформа од Тодора Александров со два кубура, пушка малихера, а секој момент го очекуваат да пристигне црешовото топче. Ај да видиме после “чија мајка црну вуну преде”“, е уште една реакција на изјавите на Мицкоски.
„Чекај светот е голема работа брат, ако е таква работата дај си оставка штом не те сакаат!“, е уште една реакција на говорот на Христијан Мицкоски.
„Е како бе. После средбата со германската амбасадорка, излегуваш со изјава дека Европа и светот работат на агенда да го уништат ДрПМНЕ! И оној во Пешта се жалеше истото! И Бошкоски како прв полицаец ќе се тепаше со амбасадори! ДрПМНЕ калимеро синдром!“, реагира корисник на социјалната мрежа Х.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска реагираше на изјавите на опозицискиот лидер, потенцирајќи дека тези за светски заговори не одат во прилог на државата и потсетуваат на минати времиња.
„Тоа што го слушам од сегашниот претседател на ВМРО – ДПМНЕ многу ме потсетува на 11 години на претходниот претседател, а тоа е дека постои некоја светска завера против нас, тоа што го слушнав беше дека светот и Европа се здружиле против Македонија. Такво нешто слушавме и во минатото, се подгреваа чувствата на граѓаните на таков начин, цело време беа плашени граѓаните дека постои некаков супер непријател кон нас Македонците. После тоа се уверивме дека не е така. Северна Македонија стана членка на НАТО, сите гледаме колку е значајно што сме земја членка на НАТО во време кога се води воен конфликт во Европа“, изјави премиерот Ковачевски.
Тој додава дека историјата потврдила оти неносењето на одлуки единствено може да ја остават земјава во чекална, додавајќи дека неприфаќањето на решението со Грција во 2008 година доведе до добивање решение после 11 години кое беше полошо од тоа во 2008 година.
„Ние заедно со Хрватска започнавме, нашето интегрирање во ЕУ и заради неносење на одлуки Хрватска стана членка на ЕУ, има Шенген, воведе евро а ние се уште зборуваме за отворање на поглавја и кластери. Ние не смееме да дозволиме Албанија, Србија и Црна Гора да отидат пред нас, бидејќи во тој случај остануваме со БиХ и со Косово“, дециден е премиерот Ковачевски.
Христијан Мицкоски пак еден ден подоцна ја промени тезата и тврди дека владата откако не успеала да испорача резултати, ја притиска меѓународната заедница да прави тортура врз ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на опозициската партија и денеска тврди дека притисоците нема да успеат и дека нема да има двотретинско мнозинство во парламентот за уставните измени.
Од владејачката партија СДСМ порачуваат дека Христијан Мицкоски е параноичен и дека сака земјава да ја скара со светот.
„Кога стана јасно дека нема никаков бугарски диктат, сега, за сопствениот неуспех, на Мицкоски му се виновни Европа и светот. Ист како Никола Груевски. Мицкоски едноставно има капацитети да создава само непријатели па смета дека сите и така размислуваат. Затоа параноично зборува за светски заговори“, изјави денеска пратеникот од СДСМ, Дарко Каевски.
Инаку, познатиот македонски карикатурист Дарко Марковиќ, кој почина во 2016 година, пред повеќе од една деценија со карикатура ја отслика тогашната пропагандна матрица на претходниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на кој исто така му беше крив целиот свет при неуспехот во решавањето на круцијалните државнички прашања.
Оваа карикатура на Дарко Марковиќ беше објавена во 2011 година во збирката „Пецко: (У)кажувања 2“ од Фондацијата Отворено општество Македонија. По толку години, изјавата дека светот прави стратегија да го скрши ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе од устата на лидер на оваа партија, овој пак од Христијан Мицкоски.
Извор: МЕТА