Министерката за труд и социјална Јованка Тренчевска денеска се обрати на Националната работилница за подготовка на „Националната стратегија за правата на лицата со попреченост“ на која што присуствуваше и Премиерот Димитар Ковачевски, Заменик Амбасадорот на Сојузна Република Германија Ото Граф и Директорот на ГИЗ Канцеларијата на Северна Македонија Давид Оберхаубер. Работилницата беше во организација на Владата на Република Северна Македонија, Министерството за труд и социјална политика и Германското друштво за меѓународна соработка – ГИЗ заедно со тимот на Агенциите на Обединетите Нации во земјата. Целта на работилницата беше сите засегнати со заедничка дискусија да ги согледаат предизвиците и да изнајдат заеднички решенија кои ќе се рефлектираат на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост.
Тренчевска ја започна изјавата со мотото на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост „Ништо за нас, без нас“ со кое што ја истакна инклузивноста на процесот на формирање на Националната Стратегија.
„Јавните политики ќе бидат креирани и спроведени со активно учество на лицата со попреченост. Подготовката на новата Национална стратегија ќе биде согласно обврските и начелата преземени со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и комплементарна со Европската стратегија за правата на лицата со попреченост, врз основа на податоци и анализи направени за моменталната состојба со почитувањето и остварувањето на правата на лицата со попреченост“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека позитивната атмосфера создава услови за изработка на сеопфатна и реална стратегија која ќе биде одржлива, спроведлива и во која ќе бидат вклучени централните и локалните власти, Националните инвалидски организации, граѓанските организации, лицата со попреченост, организациите на ООН.
„Она што е многу важно е дека ја менуваме перцепцијата кон попреченоста, го напуштаме стариот медицински модел на гледање на попреченоста, односно го заменуваме со немедицинско гледање кое ги поттикнува јаките страни и способности на децата и лицата со попреченост, ја обезбедува потребната поддршка што треба да ја добијат за да уживаат еднакви можности да го развијат својот потенцијал“ изјави Министерката.
Тренчевска се осврна и на модернизацијата на политиките кои го овозможуваат вработувањето на лицата со попреченост, особено вработувањето во отворениот пазар на трудот каде што со новите предлог решенија се воведува професионална рехабилитација и работно оспособување со цел лицата со попреченост да станат конкуренти на пазарот и со тоа да се вработат, но и да го задржат своето вработување.
Премиерот на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во своето излагање рече дека процесот на подготовка на „Национална стратегија за правата на лицата со попреченост” како и досега останува максимално инклузивен во кој главниот збор го имаат директно засегнатите.
„Оваа работилница е дел од остварувањето на нашите приоритети за поддршка на лицата со попреченост. Ве уверувам дека ги движиме работите во вистинска насока, и дека како одговорни носители на политики, ќе продолжиме да правиме сѐ за лицата со попреченост и сме секогаш заедно со нив“ надополни Ковачевски.
На крајот говорниците посакаа успешна, посветена и напорна работа за подготовка на мерливи и остварливи цели кои ќе одат во прилог на лицата со попреченост.