Согласно Оперативниот план за активни програми и мерки, за неполни две години се вработиле 3.370 жени, а со вештини и квалификации барани на пазарот на трудот се стекнале 6.035 жени. Ова го истакна денеска министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, на средбата со претставнички на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Билјана Радончич-Кер-Линдзи, помошник директор во секторот родова и економска инклузија, со Есмералда Шехаљ од ЕБОР -Тирана и Марија Ристевска од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦРПМ).
„Тоа е доказ за значењето и успешноста на мерките за вработување кои Владата на Република Северна Македонија ги реализира секоја година,“ рече Тренчевска.
Претставничките од ЕБОР ги потенцираа главните аспекти на кои работи секторот за родова и економска инклузија, како и родовата компонента во корпорациите. Посочија дека поврзувањето на образовните институции, приватниот сектор и агенциите за вработување е особено важно затоа што на тој начин може да се креираат најдобрите политики и мерки.
Тренчевска, пак, кажа и дека Стратегијата за родова еднаквост, 2022-2027 година е основен стратешки документ на државата со кој се унапредува родовата еднаквост и зајакнувањето на жените.
„Со документот се стремиме кон унапредување на состојбата на родовата еднаквост во согласност со меѓународните стандарди, препораки и обврски“, истакна Тренчевска.