тренчевска

Тренчевска: Законот за финансиска поддршка на ранливи категории усвоен од Собранието

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска се обрати до сите граѓани во врска со вчерашното усвојување на Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза од страна на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија.

„Во време на економска и енергетска криза точно ги мапиравме граѓаните на кои им е потребна помош и ги издвоивме: корисниците на право на социјална сигурност на стари лица; корисниците на посебен додаток, корисниците на правото на надоместок заради попреченост, корисници со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед. Самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари, корисници на право на надоместок за телесно оштетување и невработени лица-корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок. Ова се лицата коишто ќе добијат помош од државата во наредните 4 месеци соодветно уредбите на законот“ рече Тренчевска.

Таа посочи дека сите кои што спаѓаат во споменатите категории и се активни корисници на истите, нема потреба да аплицираат за финансиската помош од државата и рече дека списоците ќе бидат објавени на официјалната страна на Министерството за труд и социјална политика.

„За крај сакам да порачам до сите граѓани дека ние како Влада се грижиме и неуморно секојдневно се залагаме. Безгрижни и материјално обезбедени граѓани значат успешна држава, а нашите постапки и активности се токму во таа насока. Продолжуваме да ја следиме состојбата на ранливите категории на граѓани и ве уверувам дека ние стоиме до вас, затоа што задоволни граѓани се цврсто јадро за успешна држава“ истакна Тренчевска на крајот од своето обраќање.

Прочитајте повеќе

Собранието ги изгласа измените на Законот за извршување на санкциите

Од Министерството за правда соопштија дека Законот има за цел решавање на безбедносните проблеми во …