Колку јавноста треба да е запозната со евентуалните болести на канцеларката? И Ангела Меркел има право на приватност. За нејзе исто така важат правилата како за остaнатите Германци, оценува Феликс Штајнер.

Заштитата на податоците во Германија се третира како светост. Без моја согласност на други не смеат да им се стават на располагање дури ниту работи како адресата, професијата или возраста.

Но, и во Германија, само за политичарите, важат други правила. Од политичарите може да се бара се’ и тие мораат се’ да обелоденат – од проверка дури и на фуснотите во нивните докторски трудови, се’ до последниот цент од нивните приходи од некакви почесни или дополнителни функции. А, ако имаат здравствен проблем, тогаш повеќето од медиумите би сакале по можност да добиваат лекарски билтен од прес-службата, со целосна анализа на крвната слика.

Се’ додека такво нешто не се случи, шарлатани од секаков вид може да поставуваат дијагнози од далечина, дури и ако тие немаат никава врска со реалноста. Искрено, на што личи тоа?

Здравјето како политичко прашање

Се разбира, здравјето на канцеларката е политичко, а со тоа и јавно прашање. Барем во случај таа да не биде веќе во состојба со полна сила да ја извршува функцијата, која без сомневање е напорна. Но, случајот не е таков. „Добро ми е“, вели Ангела Меркел.

Само што, на тоа никој не и’ верува. Зашто, сликите од тресењето на канцеларката покрај новиот украински претседател, или на именувањето на новата министерка за правда, а потоа и покрај финскиот премиер, ги видоа сите. Што, по ѓаволите, беше тоа?

Тука доаѓа до израз сосема променетата улога на медиумите. Зашто, Ангела Меркел не е прва германска канцеларка која има здравствени проблеми. Вили Брант, иконата на германската социјалдемократија, страдал од депресивни состојби кои траеле со недели, па во тие периоди не бил способен да владее. Хелмут Шмит, кој го наследи Брант на канцеларката функција, во текот на својот мандат отприлика 100 пати се онесвестил, еднаш дури и во Елисејската палата.

Разликата меѓу тоа време и денешното е што – никој не дозна за тоа. Новинарите, дури и да виделе нешто, во тоа време никогаш не би објавиле такви слики. Шмит самиот ги обелодени своите тогашни проблеми кога имаше 95 години, на една година пред смртта.

Химна во седечка позиција

Германија сега има канцеларка која, ако така смета, ја слуша химната седејќи. Дали е тоа проблем? Да беше Волфганг Шојбле канцелар, кој е во инвалидска количка од атентатот кој му беше извршен и кој долго време важеше за принц престолонаследник на Хелмут Кол, Германците одамна ќе беа навикнати на таква слика.

„Инаку, цврсто сум убедена дека сум во добра состојба за работа.“ Германците ќе мора некое време да веруваат во реченицата која Ангела Меркел ја кажа на прес-конференцијата со финскиот премиер во средата. Дали е тоа лошо? Не! Зашто и канцеларката има право на она на што сите други Германци имаат право: право на приватност. Дел од тоа е и конкретниот проблем кој во моментов и’ нанесува болка.

Извор: DW