Смешна е реакцијата на Врховниот Суд, околу предупредувањето на Антикорупциската комисија дека постои судир на интереси ако тие самите расправаат и одлучуваат за нивното разрешување. Ова е оценка на поранешната членка на Антикорупциска Вања Михајлова, пишува „Порталб.мк.

“Законот за спречување на корупција и судир на интереси важи и за нив, а го прочитав одговорот на Врховниот суд и се шокирав. Важи за сите, ако постои судир на интереси, а кај нив очигледно е дека имаат судир на интереси, и тоа актуелен а не потенцијален. Смешно е. Антикорупциска не врши притисок, туку им укажува дека законот вели оти не можат сами да одлучуваат за себе. Тука Врховниот воопшто не е во право“, вели Михајлова.

Во меѓувреме продолжија препукувањата меѓу Антикорупциската комисија и Врховниот суд, бидејќи овие последните најавија дека ќе разговараат за тоа кој закон ќе важи при нивното разрешување. Првично, Антикорупциска испрати предупредување, по што, Врховниот одговори со проценка дека тие се независни и дека самите можат да постапуваат по законот.

На тоа реагираше Антикорупциска, со став дека известувањето поднесено до Врховниот суд е во правец на спречување на судир на интереси што би произлегол ако Врховните судии против кои е отворена постапка за разрешување пред Судскиот совет одлучат самите за себе.

Според Антикорупциска, тие не ја загрозуваат независноста на судиите на Врховниот суд, бидејќи не навлегуваат во конкретни предмети.

Законските одредби се јасни за тоа како треба да постапи службено лице (на пр. судија на Врховен суд) во случај на судир на интереси и начинот на изземање доколку истите лица дознаат за околностите кои укажуваат на постоење на судир на интереси или потенцијален судир на интереси”, велат од Антикорупциска.

Реакцијата на Антикорупциска следеше откако двајца адвокати од Скопје побараа од Врховниот суд на општа седница да усвои одлука според која судиите предложени за разрешување, меѓу кои и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, да ја усвојат полесна одлука.

Инаку, претседателот на Врховниот судЈово Вангеловски е еден од судиите против кого има постапка за разрешување поради ослободување од притвор на пребеганиот бизнисмен Сеад Кочан во мај 2017 година. Тој, според законите, нема да смее да ја води седницата со оваа точка на дневен ред, каде што е лично засегнат. Поради случајот Кочан, постојат постапки за разрешување против Вангеловски и двајца други врховни судии, дел од петочлениот Кривичен совет, кои иако не постоела правна основа и начелно мислење на Врховниот суд, сепак, гласале за укинување на притворот за Кочан.

Другата група е составена од пет други судии кои се предлагаат да бидат разрешени за бегството на Горан Грујовски и Никола Бошкоски, обвинети во ТврдинаТаргет. Постапка се води за уште двајца други врховни судии, кои во Судскиот совет ги пријавил Вангеловски.

За ниту еден од овие 9 судии постапките не се завршени, и сега тие ќе треба да одлучат за или против нивниот интерес.

Извор: МЕТА