Колективната амнезија на библискиот народ

Колективната амнезија на библискиот народ

Пишува: Зоран Милошески

Турбулентните случувања на македонската политичка сцена во последните 3 години, претставуваат најдобар показател за минливоста и менливоста на власта. Ако цела деценија ВМРО-ДПМНЕ имаше вин-вин ситуација, при што под контрола ја имаше севкупната состојба во државата, денес тоа време изгледа како дамнешно минато. Како никогаш и да не било.

По којзнае кој пат докажавме дека сме народ со кратко паметење. Оти, со сите глупости и мани на актуелната власт, свесно и селективно, како со гума ги избришавме сеќавањата и траумите од 11 годишното арамиско владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Ги заборавивме понижувањата кои злосторничкото здружување им ги сервираше на сопствените граѓани. Им простивме за пљачкосувањето од епски размери. Ги амнестиравме за кршењето на основните човекови права и за десетиците илјади прислушувани граѓани. Не се сеќаваме на милионите евра инвестирани во партиските медиумски „пералници на мозоци“, на Субрата Рој и десетиците други белосветски пробисвети и хохштаплери.

Се сеќаваме ли воопшто, во која земја во континуитет се случуваа скандали кои уште утредента се покриваа со други, уште поголеми и пострашни? Во која недојдија се вршеа апсења со камери, притвори од кејф, убиство на партиска прослава, закани до семејство да заврши “у ендек“ а „Циганите да се влечат за уши“, се рушеа објекти со динамит и хилти? А пазарењето со името, плацовите на Водно, нарачаните лустрации, тефтерчето со судии, МВРО-ВМРО, партискиот реваншизам, барокот и антиквизацијата, украдените милијарди со кои купувајќи обвинители, судии, поротници и разни безрбетници, злосторниците денес си купуваат ден повеќе на слобода?

Сето ова исчезна од колективната меморија на „библискиот народ“.

И не е проблемот во тоа што „амнезијата“ ги зафатила послушниците, климоглавците и оние кои профитирале и дебело се нафатирале поддржувајќи ги политиките на „фамилијата“. Тие одбрале страна и решиле егзистенцијата, бизнисот и кариерата, помалку или повеќе (не)достоинствено да ги градат според макијавелистичкиот принцип.

Сафрите ги креваат сончогледите, профитерите, лицемерите. Двојните играчи без идеолошка матрица, но со три партиски книшки во џебот. „Загрижените“ самонаречени филантропи, екологисти, борци за човекови права, независни политичари и непартиски граѓански активисти. Оние кои секогаш се „против“ а никогаш „за“, тие чија хипокризија и евтин популизам со кои бесрамно се вовлекуваат под кожата на искрените простосмртници кога е во прашање личниот интерес – нема граница!

Сите тие, таквите, кои кариерата ја градеа парајќи ги грлата против Грујо и бандата, денес нив веќе не ги спомнуваат. Оти сега не е „ин“ да се биде против нив. Отскочната штица за градење кариера и собирање поени, е Заев. Колку повеќе го плукаат и омаловажуваат, толку повеќе лајкови собираат нивните, полни со иронија и сарказам, фејсбук објави. Кокетирањето со најголемата опозициска партија, па и со црниот ѓавол ако тоа во моментот им носи поени, како и практикувањето на девизата „Непријателот на мојот непријател, е мој пријател“, е активност која се одвива тековно и паралелно, настрана од очите на „широките народни маси“. Морал? Чесност, чест и честитост? Ај да не претеруваме!?

Актуелната власт е далеку од идеална. Со лошата кадровска политика и последиците кои таа ги предизвика, Заев пропушти шанса да ги зацврсти позициите меѓу граѓаните, како на Владата, така и на партијата. Меѓутоа, она што погоре споменатите интересни категории, случајно или намерно, го занемаруваат е фактот дека Заев никако не е исто што и Груевски. Дека Спасовски не е Јанкуловска. Дека Сугарески нема многу допирни точки со Јанакиески, уште помалку пак Димитров со Поповски. Дека намерите на оваа и претходната Влада по прашањето на иднината на државата, се неспоредливи и дијаметрално спротивни. Затоа, кога се вага, одмерува и критикува, тоа се прави со баждарени тегови и ист диоптер.

Наместо пост-скриптум, ќе посочам еден еклатантен пример за нееднаквите аршини при вреднувањето на сегашниот и поранешниот премиер.

Случај 1: Актуелниот премиер Заев, на граѓаните им овозможи поврат на 15% од платениот ДДВ, со што на трансакциските сметки на граѓаните ќе легне одредена сума на пари. И знајни и незнајни, ги бомбардираа социјалните мрежи со омаловажување на мерката: популизам било, малку пари биле, побогатите ќе земеле повеќе…

Случај 2: Пред некоја година, Регулаторна комисија ја зголеми цената на струјата. Тогашниот премиер Груевски, излезе на прес и рече дека струјата нема да поскапи 15%, туку „“само“ 12%! За 10 минути собра 1.000 “бели бумбари“ и воодушевувањето на десетици илјади граѓани.

…И после сето ова, што добро да очекувате од народ со „истанчено“ и „префинето“ чувство за вредносни критериуми?

Прочитајте повеќе

Ковачевски: ВМРО ДПМНЕ ќе ги затвори нашите ЕУ перспективи, СДСМ останува посветена на европска Македонија

Ковачевски: ВМРО ДПМНЕ ќе ги затвори нашите ЕУ перспективи, СДСМ останува посветена на европска Македонија

„Ако ВМРО-ДПМНЕ повторно добие преголема моќ, ќе се соочиме со истото што го гледавме 11 …