Асоцијација за цистична фиброза

„Трикафта“ досега примиле 32 луѓе, лек чекаат уште 100 пациенти со цистична фиброза

„Трикафта“ ќе примат сите пациенти на кои им е потребен овој лек, уверуваат од Министерството за здравство

Лекот „Трикафта“ досега го имаат примено 32 пациенти на Клиниката за детски болести и на Клиниката за пулмологија, а во земјава има вкупно 130 пациенти кои живеат со болеста цистична фиброза. Од Министерството за здравство за Мета.мк уверуваат дека сите пациенти ќе го добијат лекот.

„Скоро половина од пациентите кои се над 12 години и според мутацијата delta F508, за која е индицирана модулаторната терапија, веќе се почнати со лекување. Бројката на пациенти секојдневно се зголемува согласно листата на пациенти направена од работната група во Министерството, по направени прегледи на сите пациенти со цистична фиброза. „Трикафта“ ќе примат сите пациенти на кои им е потребен овој лек“, велат од министерството.

Лекот Трикафта е безбеден лек, одобрен од Европската медицинска агенција. Ефектот од терапијата е брз, значителен и одржлив.

Во меѓувреме, министерот за здравство д-р Илир Демири, денеска се сретна со претседателите на Асоцијацијата за цистична фиброза (АЦФ) Александар Стамболиски и Елмир Сејфулаи, како и членката од Асоцијацијата Ивана Атанасоска.

На средбата се дискутирало за состојбата на пациентите со цистична фиброза, за третманот и лекувањето со „Трикафта“, но и за следните чекори што треба да се преземат за подобрување на животот на оваа група пациенти.

„Асоцијацијата за цистична фиброза е наш партнер и заеднички продолжуваме да делуваме за подобра здравствена состојба на пациентите со цистична фиброза. Горд сум што нивната белодробна функција по примањето на терапијата е подобрена. Верувам дека заеднички можеме многу да постигнеме“, рече Демири.

Претседателот на Асоцијацијата Стамболиски на средбата кажал дека на пациентите кои се вклучуваат на терапија комплетно им го подобрува животот.

„Во министерството гледаме пријател за здравјето на пациентите – процес што треба да продолжи и да ги опфати сите на кои лекот живот им значи. И покрај досега постигнатото, пред нас се и нови сериозни задачи“, рекол Стамболиски на средбата.

Во 2022 година, пред Нова година, болните од цистична фиброза беа на протест пред Министерството за здравство и побараа модуларна терапија. На 2 февруари 2023 година, Владата најави дека ќе го набави лекот „Трикафта“ за 30 пациенти, односно дека набавката ќе се одвива во неколку фази. Првите количини на лекот, стасаа на 9 март. Додека чекаше лек, на 8 февруари почина Благојче Илиевски, кој не го дочека лекот.

Тогаш поранешниот министер за здравство Беким Сали, на својот Фејсбук профил напиша дека се обезбедени 140 милиони денари за набавка на лекот. Родители на деца со цистична фиброза и нивни роднини, по смртта на Благојче му оддадоа почит и протестираа пред Владата, барајќи лекот да се набави итно.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Пендаровски и Џафери со честитки

Пендаровски и Џафери со честитки по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот

Фактот дека голем дел од развиените демократии денес се соочуваат со недостиг на работна сила, …