лажни вести

Навигација низ информациската џунгла: препознавање и борба против дезинформациите

Вакцини и мистериозни болести, војни, климатски промени, моќни лица и „контрола на народот“ — ова се само мал дел од темите за коишто често се пишуваат лажни, непроверени, манипулирани објави и содржини. Тие што ги пишуваат скоро секогаш имаат некаква задна и малициона намера. А, како што поминува време, ваквите вести стануваат сѐ пософистицирани и сѐ побрзо се шират. Затоа, ќе разгледаме како дезинформациите влегоа „на големо“ во јавниот дискурс, кои се некои од често користените тактики, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

За почеток, треба да се разјасни што точно е дезинформација (disinformation), а што е грешка при известување (misinformation). Главната разлика помеѓу овие два термини е намерата при создавањето на содржината. Кај грешката се прават ненамерно, како на пример користење на погрешни легенди под фотографии, датуми, статистики, преводи или кога сатирата се зема сериозно. Дијаметрално спротивно на ова се дезинформациите каде намерно се фабрикувани или манипулирани аудио/визуелни содржини, или се споделуваат теории на заговор или гласини каде таму нема.

Со тоа што малициозни актери со умисла ги создаваат ваквите содржини, не секогаш е јасно која е целта зошто тоа го прават. Понекогаш, како што е тоа за климатските промени, се прави за профит. Во други случаи да се поддржи инвазијата на Украина и да се намали опозицијата кон истата. А, затоа што не се монолитни движењата, како кај анти-ваксерите, понекогаш има плејада од причини — грижи околу безбедноста на вакцините, религиски и филозофски причини, неинформираност и друго.

Без разлика која е причината, исходот од дезинформациите се многу полесно воочливи. Конкретно, дезинформациите го прават потешко утврдувањето што е вистина, а што лага и со тоа отежнува донесувањето на слободни и информирани одлуки и избори. Во политички контекст, дезинформациите доведуваат до зголемена поларизација, како и до намалување на довербата на граѓаните во демократијата и демократските процеси. Исто така, со нормализирањето на дезинформациите во секојдневниот живот, тие прават полесно да се обесчовечуваат нивните цели.

Затоа што веќе беше споменат примерот на Русија и Кремљ, друг клучен елемент за борбата со дезинформации е Странска манипулација со информации и интерференција (Foreign Information, Manipulation and Interference — FIMI). ФИМИ претставува образец на однесување против постапки кои се во рамките на законот, но се закана или имаат потенцијал негативно да влијаат врз вредностите, процедурите и политичките процеси. Таквата активност е манипулативна по карактер, спроведена намерно и на координиран начин.

Штом малициозни актери ја најдат својата мета тие почнуваат со својата работа, следи:

  • На почеток тие ги наоѓаат слабостите или тензиите во едно општество и врз база на тоа создаваат т.н. „Голема лага“.
  • Потоа се користат „трошки вистина“ за сепак колку-толку да делува веродостојна дезинформацијата. А, од друга се крие идентитетот и намерите на оние што ги создаваат овие содржини.
  • Па, за да може текот на дезинформации да се случи „органски“, се наоѓаат т.н. „корисни идиоти“, што имаат тенденции да споделуваат сомнителни содржини, да ја споделат дезинформацијата безмалку бесплатно.
  • Последно, доколку има некаков сомнеж од кого потекнува дезинформацијата, тактиката е: „негирај, негирај, негирај“.

 

Таксономија на измамата: различни видови на дезинформативни тактики и пропаганда

Дел од репертоарот на алатки што се користат за ширење дезинформации:

  • Сатиричната содржина и пародијата, што немаат секогаш за цел да предизвикаат штета, но имаат потенцијал за измама.
  • Измамничка содржина или измамничка употреба на информации се користи во погрешно светло да се претстави прашање или лице.
  • Лажно претставување е кога автентичните извори се претставени лажно светло.
  • Под фабрикувани содржини се подразбира 100 отсто неточни содржини дизајнирани да измамат и наштетат некому.
  • За лажна врска се мисли кога насловите, визуелните елементи или легендите не ја поддржуваат содржината за која се пишува.
  • Последните се неточниот контекст, односно кога автентични содржини се споделуваат со неточно контекстуализирани информации.
  • И, манипулирани содржини, т.е. кога автентични информации, слики или видеа се манипулираат со цел да измамат.

Кога дел или сите од горенаведените алатки се користат за убедувачка комуникација, тоа колоквијално се нарекува пропаганда. Пропагандата преставува таргетирана комуникација насочена да формира, засили или методично да го пренасочи верувањето или мислењето на субјектот во одредена насока. Најлесно воочлив современ пример за ова е пропагандата на Кремљ. Затоа што руската пропаганда е глобална, тоа им овозможува на организации и експерти да ја проучат длабински. Со тоа, ќе се издвојат неколку главни наративи што се пропагираат и се лесно употребливи во разни земји, политички контекст и убедувања.

  • Елитите наспроти народот, често користена популистичка реторика каде јасно се подвојуваат таборите на „ние — угнетените, обесправените, маргинализираните“ и „тие — богатите, моќните, владетелите“, и потоа се разгорува омразата кон другата група. Немалку вакви примери има на Балканот. Понатаму, следниот наратив е „изгубен суверенитет“. Тоа значи дека не само малите земји како С. Македонија, туку и целата Европска Унија е потчинета на САД и дека немаат автономија на правење избор сами за себе.
  • Вредности под напад“ наративот е можеби најуспешен за проширување затоа што наоѓаат плодна почна во верските институции, на коишто природно им е да ги бранат традиционалните вредности. Наративот што често се спомнуваше во текот на руската инвазија во Украина, односно оправдувањето за го сториле тоа, беше нацизмот. Поточно, според овој наратив Украина има нацистичко уредување што било поставено од Западот и тоа се „потврдува“ со разни „докази“ од општеството.
  • Следен значаен наратив е „Хахахганда“, односно трагични настани се исмеваат со цел да се намали нивната сериозност и да се пренесе вината некому друг.
  • Често се користи аргументот „whataboutism“ или правење на лажни споредби со цел да се поддржи претходно фабрикуван наратив или да се оправдаат дела или политики и со тоа да се префрли вината со дебатирање на неповрзана тема. Слично, во теориите на заговор се користат гласини, митови или конспиративни тврдења со цел да се одвлече вниманието или да се уплаши публиката за одредена тема.
  • Друг начин на манипулација е преку извитоперување, искривување и  изобличување вистински настани и информации за да може да служат за предодредена политичка цел. Тоа се прави со нафрлување на факти без да се поддржани од било какви докази, или, пак, споделување неточни факти каде се споменува настан што воопшто не се случил.
  • Лажна дилема е кога се поставува една ситуација како да има лажен бинарен избор или исход, кога всушност тоа не е така.
  • Една од најкористените тактики на пропагандата е „Волкот вика: ВОЛК!“, поточно се оцрнува индивидуа, група на луѓе или нација за нешто што и самиот обвинувач го прави. За вакви случаи се користи фразата „секое обвинување е всушност исповед“. А, често поврзано со оваа тактика е и преплавување на фактите со емоции. Познато како и „апел кон емоциите“, се случува кога содржината е презентирана на толку емотивен начин што го зграпчува читателот, а фактите ја губат својата важност и избледуваат во споредба.
  • Последната стратегија е да се заплашат противниците, да се охрабри опозицијата и, во идеален случај, да се принуди промена на правецот на општиот дискурс и мислење на јавноста. Тоа се постигнува преку исмевање и дискредитирање. Фактите, изјавите или луѓето се маргинализираат преку исмевање, етикетирање или преку поткопување на нивниот авторитет.
  • Во слична насока, друга тактика е приклучување кон стадото. Главната цел е да се креира впечаток дека „мнозинството“ има  став или зазема страна за некое прашање или сака да се разреши истото на одреден начин. Па, „мудроста на мнозинството“ му дава кредибилитет на некој заклучок или на некој лажен наратив.

Пишува: Матеј Тројачанец

Прочитајте повеќе

Неизвесна гордост во дел од „Македонија повторно горда“

Неизвесна гордост во дел од „Македонија повторно горда“

Дел од Платформата „Македонија повторно горда“ на претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова, упатува на неизвесност …