Со внатрешна реарганизација и со освежување со нови кадри од Академијата за судии и обвинители, тој смета дека ќе се решат кадровските проблеми во судството.
Министерот за правда Никола Тупанчески е оптимист дека ќе се најде решение за испразнетите судии и обвинителства во Северна Македонија, коишто во петокот беа зафатени со голем бран на пензионирања. Со внатрешна реарганизација и со освежување со нови кадри кои треба да ја завршат Академијата за судии и обвинители, тој смета дека ќе се решат кадровските проблеми во судството.
„Eдинственото решение кое што ни останува е да се направи внатрешна реорганизација, затоа што има судови и јавни обвинителства коишто се преоптоварени и има такви кои практично имаат судии и обвинители коишто работат и под норма. Тоа е единственото решение во моментот кое што би можело да има практичен контекст, затоа што на крајот на краиштата неприфатениот предлог ќе има одредени правни импликации“, вели министерот за правда.
Тупанчески при денешната посета на Струмица рече дека секогаш постои план Б, откако минатата недела во Собранието не помина предлогот на владејачката коалиција за пролонгираше на работниот стаж за над 60-тина судии и обвинители за уште три години.
„Да не заборавиме дека до крајот на годината ќе имаме 59 нови академци коишто ја завршиле Академијата за судии и јавни обвинители и на секој начин тоа ќе значи некој тип на инфузија на судството и јавното обвинителство. Да не заборавиме дека има уште 96-97 нови кандидати коишто за две години повторно ќе бидат интегрален дел од македонското судство и обвинителство“, вели министерот. Тој најавува дека на тој начин со околу 150 луѓе ќе биде освежен судско-обвинителскиот систем во земјата.