инстаграм

Тужби против Инстаграм и Фејсбук поради повреда на менталното здравје на младите

Сојузните држави тврдат дека „Мета“ користела опции и функции што создавале зависност, со цел да ги „зароби“ корисниците, притоа прикривајќи ги „суштинските опасности“ на своите платформи

Матичната компанија на Фејсбук и Инстаграм – „Мета“, во САД е обвинета за доведување во заблуда на јавноста околу ризиците од користењето на социјалните мрежи и за придонесување кон криза на менталното здравје кај младите, пренесува Би-би-си.

Овие тврдења се изнесени во федерална тужба најавена од десетици американски сојузни држави. Државите тврдат дека компанијата користела опции и функции што создавале зависност, со цел да ги „зароби“ корисниците, притоа прикривајќи ги „суштинските опасности“ на своите платформи.

Во тужбата се додава дека „Мета“ ги прекршила законите за заштита на потрошувачите со тоа што се вклучила во „измамничко“ однесување.

Во обвинувањата се вели и дека компанијата собирала податоци за деца на возраст под 13 години со што биле прекршени законските обврски според Законот за заштита на приватноста на децата на Интернет.

„Компаниите за социјални мрежи, вклучително и Мета, придонесоа кон национална криза на менталното здравје на младите и тие мора да бидат одговорни“, рече њујоршката обвинителка Летиција Џејмс, една од 33-цата јавни обвинители кои ја потпишаа тужбата.

Од „Мета“ велат дека се разочарани од ваквиот потег на обвинителите. Од компанијата додаваат дека ја споделуваат посветеноста на обвинителите за да им се обезбедат на тинејџерите безбедни и позитивни искуства онлајн и дека веќе биле воведени над 30 алатки за поддршка на тинејџерите и нивните семејства.

Како што пишува Би-би-си, „Мета“ и другите компании за социјални мрежи веќе се соочуваат со стотици тужби во САД поднесени од семејства, млади луѓе и училишни области поради влијанието врз менталното здравје.

Сојузните држави што ја поднесоа последната тужба бараат финансиска отштета и запирање на наводните штетни практики на „Мета“.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

УКИМ

Зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

На Зимската школа ќе учествуваат 81 семинарист Кина, САД, Австралија, Германија, Франција, Турција, Полска, Словенија, …