Илон Маск

Твитер ќе ги забрани имитаторите, вели Илон Маск откако корисниците почнаа да го имитираат него

Новиот извршен директор на Твитер, Илон Маск изјави дека секој кој во своето име на оваа социјална мрежа ќе вклучува имитација на друго лице без јасно да наведе дека станува збор за пародија, ќе биде трајно суспендиран. Ова предупредување милијардерот го упати откако некои познати личности ги сменија нивните имиња на платформата, претставувајќи се како „Илон Маск“, пишува „Гардијан“.

„Претходно издадовме предупредување пред суспензија, но сега кога воведуваме широка верификација, нема да има предупредување“, напиша Маск на Твитер.

 

Тој додаде дека секоја промена на името ќе резултира со привремено губење на ознаката за верификација.

Неколку кориснички сметки на Твитер минатата недела го сменија своето име во „Илон Маск“ или верзија налик името на новиот извршен директор на компанијата. Вечравечер ваквите профили беа суспендирани или им беше упатено предупредување, а меѓу засегнатите се американската комичарка Кети Грифин и австралиската сатирична интернет-страница „Chaser“.

Актерката Валери Бертинели на сличен начин го присвои презимето на Маск, објавувајќи серија твитови за поддршка на демократските кандидати пред да се врати на вистинското име.

Бурата на Твитер доаѓа по загриженоста од можна злоупотреба на планираното верифицирање на корисниците за месечна претплата од 8 американски долари. Бертинели се осврна на првичната намена на сината ознака која се доделуваше бесплатно на луѓе чиј идентитет Твитер го потврдуваше, а на измамниците им беше потешко да имитираат други лица.

„Тоа веќе не важи. Среќно!“, напиша Бертинели на Твитер, на што доби одговор од Маск: „Вие го претставувате проблемот: новинари кои мислат дека се единствениот извор на легитимни информации. Тоа е големата лага“.

„Њујорк Тајмс“ објави дека предлогот на Маск за верификација ќе биде одложен по среднорочните избори во САД, поради загриженоста дека корисниците би можеле да купат верификација, да се преправаат дека се политичка личност и потоа да „сеат“ изборна конфузија.

Во меѓувреме на Твитер се лансираат нови функции со огромна брзина, во услови на хаос и вознемиреност предизвикани од извештаите за отпуштање на половина од работната сила на Твитер која брои околу 7.500 лица.

„Гардијан“ пишува дека вчера имаше извештаи оти десетици вработени кои биле отпуштени биле замолени да се вратат, бидејќи или биле отпуштени по грешка или компанијата сфатила дека нивната работа е од витално значење за изградба на новите функции.

Маск го купи Твитер минатиот месец со договор вреден 44 милијарди долари.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Едукативен саем за млади од областа на воздухопловство

Едукативен саем за млади од областа на воздухопловство утре на Школка

Здружението за подобро воздухопловство Авикон од Скопје утре во Градскиот парк на Школка, во 11 …