Гутереш: Човештвото ја води својата битка за опстанок

Гутереш: Човештвото ја води својата битка за опстанок

Антонио Гутереш повика на „историски“ договор меѓу богатите земји и економиите во развој кој ќе цели кон намалување на загадувањето и ќе го ограничи растот на температурите на 1,5 степени Целзиусови.

Човештвото ја води својата битка за опстанок откако климатските промени ги засилија сушите, поплавите и топлотните бранови, предупреди првиот човек на Обединетите нации, Антонио Гутереш, на конференцијата за климата во Египет. Среде мноштвото меѓународни кризи кои ги разнишуваат економиите и ги потресуваат меѓународните односи – од Ковид пандемијата, преку руската инвазија врз Украина до екстремното време – Гутереш вели дека светската заедница е пред тежок избор.

„Соработувајте или исчезнете“, им порача тој на светските лидери на Климатскиот самит кој се одржува во Шарм ел Шеик. 

„Или Климатски пакт на солидарност, или Колективен самоубиствен пакт“.

Гутереш повика на „историски“ договор меѓу богатите земји и економиите во развој кој ќе цели кон намалување на загадувањето и ќе го ограничи растот на температурите на 1,5 степени Целзиусови. Тој рече дека целта треба да биде да се обезбеди обновлива и достапна енергија за сите, повикувајќи ги најголемите загадувачи, САД и Кина, да ги засилат своите напори.

Пакистан Поплави
Поплавите во Пакистан ги уништија посевите и инфраструктурата, предизвикувајќи штети од над 30 милијарди долари 

Со сегашниот развој, рече првиот човек на ОН, „ние сме на патот на климатски пекол додека нашата нога сѐ уште стиска на педалот за забрзување“.

Императив за богатите 

И со актуелниот раст на температурата од 1,2 степени, промените се чувствуваат насекаде.

Големите суши на Рогот на Африка доведоа милиони луѓе на работ на изгладнување, смртоносни поплави во Пакистан ги уништија посевите и инфраструктурата, предизвикувајќи штети од над 30 милијарди долари.

Притоа, светската заедница заостанува со напорите да се намалат емисиите на штетни гасови и во помошта за сиромашните земји да изградат позелени економии.

Во неделата, земјите во развој извојуваа мала победа откако делегатите се согласија да го стават контроверзното прашање за исплата на „загуби и штети“- помош за досега предизвиканата штета- на агендата на самитот.

Гутереш рече дека е „морален императив“ на богатите загадувачи да им помогнат на сиромашните земји, кои најчесто се најмалку одговорни за климатските промени.
Имајќи предвид дека светското население овој месец ќе достигне 8 милијарди луѓе, Гутереш ги потсети светските лидери собрани во Египет дека одлуките кои ќе ги носат денес и во следните години ќе имаат влијание врз новите генерации.

Прочитајте повеќе

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Филипче до Николоски: Обиди се да сработиш нешто корисно за луѓето

Откако Александар Николоски го обвини Венко Филипче дека ја злоупотребува професијата лекар, Филипче му порача …