Инфлацијата во октомври 19,8 отсто, цените отишле нагоре кај повеќето производи и услуги

Инфлацијата во октомври 19,8 отсто, цените отишле нагоре кај повеќето производи и услуги

Инфлацијата продолжила да расте во земјава и во текот на октомври 2022 година, достигнувајќи 19,8 отсто, соопшти денеска Државниот завод за статистика. Ова е најголем раст на индексот на трошоците на животот од почетокот на годинава, а истовремено индексот на цените на мало бележи зголемување од 15,4 отсто.

Во однос на трошоците за живот, храната и безалкохолните пијалоци за период од една година пораснале за 31,2 отсто. Рестораните и хотелите во октомври 2022 година во споредба со истиот месец лани поскапеле за 22,2 отсто, додека транспортот поскапел за 14,7 отсто. Индексот на трошоците за живот во групата на услуги Домување, вода, електрика, гас и други горива во октомври годинава се зголемени за 19,8 отсто во споредба со октомври 2021 година.

За разлика од октомври лани, во делот на храната, најдраматичен е растот на лебот и житата за дури 47,7 отсто, млекото, сирењето и јајцата за 40,7 отсто и маслата и мастите за 40,3 отсто. Огромен раст на индексот има и кај месото за 28,6 отсто во споредба со октомври 2021 година.

Пораст на индексите на трошоците на животот во октомври 2022 година, во споредба со септември 2022 година, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови за 7,3 отсто, млекото за 5,9 отсто, сирењето и урдата за 5,7 отсто, месото за 3,6 отсто, прехранбените производи неспоменати на друго место за 3,2 отсто, рибата и морските плодови за 2,8 осто, лебот и житата за 1,8 отсто, кафето, чајот, какаото за 1,4 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1,1 отсто.

Во октомври, исто така споредбено со септември 2022, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај другите медицински производи за 4,6 отсто, другите услуги за опремата за сопствен превоз за 3,7 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 3,4 отсто, парамедицинските услуги за 1,8 отсто, гасот за домаќинствата, поправката на аудиовизуелната, фотографската и информатичката опрема, домашните миленици и сродните производи за 1,7 отсто, обувките, рестораните, кафулињата и слично за 1,6 отсто, облеката, другите апарати и производи за лична хигиена за 1,4 отсто и медицинските услуги за 1,3 отсто.

Зголемување на индексот е забележано и кај други производи и услуги, а намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2022 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 3,6 отсто и маслото и маснотиите за 0,8 отсто.

Во октомври, исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележан и кај услугите за сместување за 12,4 отсто, туристичките аранжмани за 10,4 отсто, теписите и другите подни покривки за 4,5 отсто, воздухопловниот патнички
транспорт за 1,7 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1,4 отсто, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1,1 отсто и моторните возила за 0,7 отсто.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …