УКИМ

УКИМ најдобро рангиран во земјава, но генерално тонеме на светската листа на универзитети

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (УКИМ) останува најдобро рангирана високообразовна установа во земјава на светската листа на универзитети на Webometrics Ranking of World Universities (Вебометрикс). УКИМ во јануарското рангирање на универзитетите се наоѓа на 1.594-то место, односно за 100 позиции подолу во споредба со рангирањето од јули 2021 година.

На втората позиција во земјава е Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, којшто е рангиран на 3.711-то место меѓу светските универзитети, наспроти 3.153-тата позиција што ја заземаше на рангирањето пред шест месеци.

Треторангиран на листата е Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово, којшто годинава во јануари се наоѓа на 4.547-то место, додека лани во јули ја имал 4.094-тата позиција на светската ранг листа.

Рејтингот на Државниот Универзитет од Тетово е 4.610-та позиција на рангирањето во јануари 2022 година, наспроти 4.475-тото место што го освоил во јули 2021 година.

За уназадувањето да биде комплетно, Универзитетот „Свети Климент Охридски“ од Битола на светската листа во јануари 2022 година го зазема 6.304-тото место, додека на претходното рангирање на Вебометрикс се наоѓал на 5.439-та позиција.

Меѓу горните позиции на коишто се рангирани вкупно 22 високообразовни установи во земјава, подобрување во рангирањето во јануари 2022 во споредба со јули 2021 година има кај Меѓународниот Балкански Универзитет на 8.877-та позиција и Универзитетот на информатички науки и технологија од Охрид кој се зацвртил на 14.444-тата позиција на светската листа на најдобри универзитети.

Инаку, на последното рангирање меѓу 500-те најдобри универзитети во светот се најде Универзитетот во Белград, како и водечките високообразовни установи од Чешка, Полска, Грција, Словенија и други земји од Југоисточна и Средна Европа. На првата позиција, како најдобар универзитет во светот и во јануари 2022 година е рангиран Универзитетот Харвард од САД.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Мицкоски го објави составот на новата Влада, ќе има четири вицепремиери

Мицкоски го објави составот на новата Влада, ќе има четири вицепремиери

Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го објави идниот состав на новата Влада. Вечерва …