Украина

Украина се обидува да го извезе житото по морски пат, во Харкив најмалку шест загинати во ракетен напад

Откако успеа да го ослободи Змискиот остров од руските сили, во Украина пристигнаа првите осум странски бродови за транспорт на житарици, јавува Укринформ. Поморскиот транспорт со бродовите би се одвивал преку каналот Дунав-Црно Море, при што превозот на житарици е овозможен по ослободувањето на Змискиот остров којшто овозможи деблокада на движењето на бродови низ овој канал.

Поради руската поморска блокада на Украина, милиони тони житарици се блокирани во пристаништата, што доведе до глобална криза со храна во дел од земјите во развој и натамошен раст на цената на житариците на светските берзи. Со овозможување на поморскиот транспорт преку каналот Дунав-Црно Море, украинските власти помагаат да се ублажи ваквата криза. Сепак, Украина потсетува на неодамнешното потонување на брод кој пловел под молдавско знаме во Црното море, а којшто бил намерно погоден од руска ракета.

Инаку, во најновиот ракетен напад на градот Харкив во текот на вчерашниот ден загинаа најмалку шест лица, вклучувајќи и 17-годишно момче. Руските сили погодиле објект за поправка на гуми, комерцијален објект и цивилна инфраструктура во Харкив при ракетниот напад, јавува Гардијан. Весникот додава дека бројот на загинати од ракетниот напад во градот Часив Јар во Донецката област, којшто се случи викендов, се искачи на 34 лица.

Нападите на руските сили продолжуваат на неколку локации на истокот од Украина, јавува Укринформ. Украинските сили успеале да го одбијат нападот на руската војска кај Дементивка во Харкивската област. Изминатото деноноќие најинтензивни борби се воделе во правец на градот Бахмут и Словјанск во Донецката област.

На југот од Украина, украинските сили во нападите кон окупираната територија успеале да уништат над 50 руски војници и бројна воена техника во регионите Миколаив и Херсон, јавува Укринформ. Светските медиуми, но и украинските власти, веќе во неколку наврати ги предупредија жителите на јужните региони дека планираат во претстојниот период да извршат офанзива за да ја повратат окупираната територија на југот од Украина.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Извештај на ОН: Климатските промени загрозуваат 70 отсто од работната сила

Меѓународната организација на трудот (МОТ), која е дел од Обединетите нации, проценува дека 2,4 од …