Утре нова средба меѓу Заев и Гаши

Утре нова средба меѓу Заев и Гаши

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев утре ќе одржат нова средба во врска со прашањето дали Алтернатива ќе се вклучи во Владата, потврдуваат од партијата на Гаши.

Алтернатива по состанокот на Централното претседателството на 26 ноември донесе одлука да преговара за влез во Владата.

Портпаролот на Алтернатива Орхан Муртезани изјави дека на состанокот разговарале за политичката состојба и констатирале дека земјата е во длабока политичка, енергетска и здравствена криза и дека ќорсокакот предизвикува многу неизвесност.

Првата средба меѓу Заев и Гаши се одржа на 19 ноември, а следуваше откако гласањето на доверба на владата по барање на опозицијата не беше успешно поради непојавувањето на пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, поради што и немаше мнозинство за гласање на Владата.

Mнозинството за гласање недоверба на Владата тогаш го најави ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алтернатива, Алијанса за Албанците, Левица и доскоро владината Беса.

Тоа, пак, седуваше по одлуката на Зоран Заев да се повлече од позицијата претседател на СДСМ и премиер на државата. Тој оставките ги најави на 31 октомври, вечерта по одржувањето на вториот круг од локалните избори, на кои СДСМ изгуби од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ на 26 номеври ја потврди оставката на Заев од позицијата лидер на партијта, но партијата претходно одлучи тој да ја одложи премиерската оставка, како што беше наведено, поради предизвиците со кои во моментов се соочува државата, како енергетската криза и пандемијата.

Во врска со оставката од премиерската функција, Заев денеска изјави дека тоа ќе зависи од преговорите за парламентарно мнозинство со Алтернатива.

„Ако тоа се заврши и се објави јавно, ќе се направи проценка со стабилно и зголемено парламентарно мнозинство, кога да се влезе во Парламентот со постапка за избор на Влада со Алтернатива, а во зависност од преговорите со Бугарија. Една од најзначајните причини поради кои Алтернатива би влегла во Влада, е да обебзеди стабилна Влада и стабилно мнозинство поради почеток на преговори со ЕУ“, изјави Заев.

Инаку, вчера првиот вицепремиер во Владата Артан Груби од партијата ДУИ, која е коалиционен партнер со СДСМ, изјави дека оставката на Заев од премиерската функција треба да почека, односно дека оваа Влада треба да го заврши својот мандат во 2024 година.

Извор: Радио Слободна Европа

Прочитајте повеќе

Д-р Венко Филипче средби со граѓани (2)

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ и Николоски ја губат поддршката во четворката, затоа вадат пропаднати афери стари три години

Кандидатот на СДСМ и коалицијата во изборна единица четири, денес беше помеѓу граѓаните на Прилеп …