дигитализација на барања државјанство пасош и лична карта

Уверение за државјанство од 1 јануари ќе се издава и како е-документ, за пасош и лична карта ќе се закажува електронски

Од 1 јануари 2023 година граѓаните ќе можат Уверението за државјанство да го добијат и во форма на електронски документ на Националниот портал за електронски услуги или преку квалификувана електронска препорачана достава на електронска адреса, а истото може да се докаже и со податоци содржани во Националниот регистар на население.

За ова денеска информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој додава дека од 1 јануари во согласност со измените и дополнувањата на Закон за лична карта, Закон за патни исправи, Закон за лично име, Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, граѓаните ќе може да поднесат барање и во електронска форма преку Националниот портал за електронски услуги за издавање на лична карта и пасош.

„Во постапки определени со закон, како што е прибавување на доказ за објава во Службен Весник за загубена лична карта, истиот го прибавува МВР по службена должност преку Националната платформа за интероперабилност. МВР може да издаде решение за поништување на матичен број на граѓанин или странец како електронски документ“, информира министерот Спасовски во неговата објава на Фејсбук.

Министерот за внатрешни работи потсетува дека дигитализацијата е направена со цел подобрување на искуството на граѓаните при вадење на лични документи и спроведување на целосна дигитализација на процесите. Законските измени беа усвоени од Собранието на РСМ во март годинава.

Со цел усогласување со дигитализацијата на процесите поврзани со постапките утврдени со закон, министерот Оливер Спасовски информира дека се формирани работни групи во Министерството кои работат на ревидирање на законите и подзаконските акти во надлежност на МВР, и тоа: Закон за безбедност на сообраќајот на патиштата, Закон за оружјето, Закон за детективската дејност, Закон за странци, Закон за полиција, Закон за меѓународна и привремена заштита, Закон за заштита од експлозивни материи, Закон за следење на комуникациите, Закон за прометот на експлозивни материи и Закон за приватно обезбедување.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Автомобили

АСО смета дека поскапувањето на полисите за автомобилско осигурување не е оправдано, бара ограничување на цените

Агенцијата за супервизија на осигурување направила пресметки за проверка, при што било утврдено дека зголемувањето …