Владата денеска преку видеоконференциска интернет комуникација ја одржа 70-та седница на која беа донесени препораките за намалување на ризиците од високи температури, во времетраење од два дена, 18-19.8.2022 година (четврток и петок).
На укажување од Министерот за здравство, дека според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи во следните два дена, територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури – портокалова фаза, Владата ги донесе следните препораки:
- Ослободување од работните обврски на најранливите групи на население, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
- Во установите за згрижување на децата, (градинките) да не се практикува физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
- Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран возраст, да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.
- Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
- Со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците потребно е соодветно организирање на работното време со избегнување престој на отворено од 11:00 до 17:00 часот.
Согласно овие препораки, Владата донесе заклучоци:
- Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките,
- Се препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците и избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот,
- Оваа мерка да биде со времетраење од два дена, до натамошно одлучување,
- Работното време во градинките да се организира во периодот од 7:00 до 17:00 часот, при што да не се практикуваат физички активности и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.
- Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Ова особено се однесува на градежните работници.