паркингот на поликлиниката „Бит Пазар“

Узурпиран паркингот на поликлиниката „Бит Пазар“, Општина Чаир дозволува парите на граѓаните нелегално да завршат во приватни џебови

Како што пишува „Порталб“, 50 денари еден час, 100 денари за цел ден, е цената која се наплаќа за паркирање, а според проверките на овој онлајн-медиум, за наплатената услуга не се издава фискална сметка. Овие импровизирани паркинзи се наоѓаат на земјиштето на поликлиниката и за нив поликлиниката нема издадено никаква дозвола

Позади објектот на поликлиниката во Бит Пазар граѓаните се принудени да плаќаат паркинг и покрај тоа што парцелите се во државна сопственост и се узурпирани. Парите на граѓаните наместо во касата на болницата, општината или државата, незаконски завршуваат во џебовите на приватни лица. Со години наназад општина Чаир и општинските инспектори дозволуваат да се одвива една ваква активност и не реагираат за ослободување на окупираното земјиште. Никој од надлежните власти кои треба да го штитат државниот и граѓанскиот интерес не реагирапишува Порталб.мк.

Попладнето на 13 мај во Скопје полицијата ги приведе Н.К. (44) и Ш. Д. (42) за „Узурпација” и „Бесправно градење”, бидејќи некаде по 19 часот претходниот ден багер ја срушиле оградата на поликлиниката „Бит Пазар“ во Скопје и започнале со градежни работи за изградба на паркинг простор во дворот на поликлиниката.

Според она што може да се види на терен, гореспоменатите лица се обиделе да го узурпираат паркот кој се наоѓа на предната страна на поликлиниката, но за среќа институциите реагирале на време и тие биле спречени во својата намера. Тампонот сè уште стои натрупан во паркот, а  против споменатите лица е покрената судска постапка и според Kривичниот законик може да бидат казнети со казна затвор од 1 до 5 години.

Општина Чаир е надлежна, но не постапува
Овој обид за узурпација среде бел ден не е изолиран случај. На само неколку метри од местото кое беше цел на узурпаторите, има друг узурпиран простор кој незаконски го користат приватни лица, и кои поставиле рампи, наплатни пунктови и знак „Р“ со кој означуваат дека на тоа место има паркинг простор.

Како што пишува „Порталб“, 50 денари еден час, 100 денари за цел ден, е цената која се наплаќа за паркирање, а според проверките на овој онлајн-медиум, за наплатената услуга не се издава фискална сметка. Овие импровизирани паркинзи се наоѓаат на земјиштето на поликлиниката и за нив поликлиниката нема издадено никаква дозвола, а ниту општината на чија територија се наоѓаат тие.

Тоа е исто како некој во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ – Скопје да постави рампа, наплатен пункт и да собира пари од граѓаните.

Според проверките на Порталб.мк во електронскиот систем на Агенцијата за катастар на недвижностите, овие парцели, односно парцелите со број 7564 и 7561/3 се во сопственост на „Република Северна Македонија“ – односно државата, и се наоѓаат на подрачјето на општина Чаир, па во овој случај општината има надлежност да реагира.

Според процесот на децентрализација, со кој општините добија овластувања да управуваат со државните земјишта, во овој случај тоа е на Општина Чаир и за овој случај мора да постапи Општинскиот инспекторат.

И од Министерството за транспорт и врски и претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) потврдуваат дека општина Чаир има надлежност да реагира.

„За сите недозволени дејствија што се спроведуваат на земјиште што е на РСМ [сопственост на државата] или на земјиште што е во приватна сопственост, а нема одобрение за градба, вклучително и паркинзи и се друго, надлежни се инспекциските служби на општината. Во овој случај, доколку се работи за територија на општина Чаир, треба да постапат инспекциските служби на општина Чаир, да излезат и да утврдат дали таму има некаква активност, доколку има, да поднесат пријава против сторителот и потоа да се вклучат службите на Министерството за внатрешни работи, бидејќи се работи за кривично дело“, објаснува за Порталб.мк, претседателот на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС) и градоначалник на општина Кисела Вода, Орце Ѓоргиевски.

Како пример Ѓоргиевски раскажува дека пред Општина Кисела Вода има државно земјиште, и доколку некој влезе за да врши градежни активности, од каков било вид, тој е надлежен да реагира, бидејќи е на територија на општината, освен ако не се работи за локација како што е булеварот или делот околу булеварот каде што надлежни се службите на Град Скопје.

И извршната власт нагласува дека со процесот на децентрализација надлежностите ги има Општина Чаир и мора да постапи и Општинскиот инспекторат.

„Министерството за транспорт и врски во согласност со процесот на децентрализација своите надлежности во делот на градежното земјиште им ги предаде на општините и од тие причини целокупното управување со земјиштето е во надлежност на општините. Во конкретниов случај, земјиштето и е на располагање на општината и од тие причини ве советуваме да се обратите до инспекциските служби на општината. Ако имате индиции за незаконско користење на државно земјиште, ве упатуваме да се обратите до Државниот градежен инспекторат, кој согласно своите овластувања е државно инспекциско тело во областа на градежното земјиште“, за Порталб.мк изјави Кире Коцевски, портпарол на Министерството за транспорт и врски.

Но, и покрај тоа што е надлежна, Општина Чаир одговорноста ја префрла на поликлиниката и на Владата, без да објаснуваат дека надлежностите преминале кај нив.

Катастарската парцела 7564 е градежна парцела во склоп на поликлиниката на Бит Пазар. Управувањето и дејноста со истите и припаѓаат на горенаведениот субјект. Катастарската парцела 7561/3 е во државна сопственост. Врз основа на Законот за градежно земјиште, член 13 од овој закон предвидува дека Владата на Република Северна Македонија управува со градежното земјиште во сопственост на државата, во име на Република Северна Македонија. Што се однесува до обезбедувањето фискални сметки, надлежноста за постапување е на Државниот пазарен инспекторат и на Управата за јавни приходи“, велат од Oпштина Чаир за Порталб.мк.

Според проверките во електронскиот систем на Агенцијата за катастар на недвижности, земјиштето околу болницата, поточно парцелата 7564, не е „градежно земјиште“, како што велат од општина Чаир, туку е „други вештачки неплодни земјишта“. На оваа парцела има две паркиралишта, а парцелата 7561/3 е градежно земјиште.

Сите се однесуваат како да „паднале од Марс“
Ист став има и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Велат дека не се надлежни за конкретниот проблем и одговорноста ја префрлаат на Град Скопје.

„Инспекторатот за комунални и други такси на Град Скопје врши инспекциски надзор дали даночните обврзници (физички и правни лица) навреме или во целост ги плаќаат своите обврски кон Град Скопје за користење на просторот за паркирање на моторни возила. Се овластува инспекторатот за патишта на Град Скопје, согласно Законот за јавните патишта во однос на член 69 став 1 точка 9 да забрани користење на паркинзи доколку истите се изградени без одобрение или со прекршување на издаденото одобрение“, велат за Порталб.мк од Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

Но, и покрај тврдењата на Инспекторатот, Град Скопје се оградува од одговорноста. Од Кабинетот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, за Порталб.мк одговориле „нема што да одговориме, тоа не е во наша надлежност“.

Не сме надлежни“, велат за Порталб.мк и од Здравствениот Дом Скопје, под чија надлежност е и Поликлиниката „Бит Пазар“. Не чувствуваат одговорност што со години нивниот простор е узурпиран од непознати лица и и што никогаш не ја пријавиле оваа нелегална активност, пишува онлајн-медиумот.

„Ве известуваме дека рампата не е поставена од ЈЗУ Здравствен Дом Скопје. ЈЗУ не стопанисува со паркинзите и тие не се обезбедени за наша употреба. За повеќе информации обратете се до службите на општина Чаир и Град Скопје“, велат од Здравствениот Дом Скопје, не одговарајќи што е преземено од нивна страна, со оглед на тоа што паркинзите се наоѓаат на земјиштето на поликлиниката.

Поликлиника Бит Пазар
Фото: Порталб.мк
Фото: Порталб.мк

Во описот на надлежностите на Државното правобранителство наведено е дека „Државното правобранителство е државен орган кој ги презема мерките и средствата за правна заштита на имотните права и интереси на Република Северна Македонија“, кое во овој случај би требало да ги заштити интересите на државата од узурпаторите, но на прашањето на Порталб.мк за тоа дали Државното правобранителство презело мерки за заштита на овие имоти, одговорот бил да се праша „друга надлежна институција“.

„Во врска со вашето писмо доставено до Државното правобранителство на Северна Македонија, Ве известуваме дека не сме во можност да Ви одговориме, и истото треба да го испратите до друга надлежна институција“, велат од Државното правобранителство за Порталб.мк.

Дека институциите не биле заинтересирани да воспостават ред на овие парцели, докажува и одговорот на полицијата, од каде како што велат дека кај нив никој досега не пријавил узурпација на овие парцели и дека некој на незаконски начин им зема пари на граѓаните.

„Ве известуваме дека во Единицата за внатрешни работи Центар и Бит Пазар при СВР Скопје нема пријава од ниту еден граѓанин или институција за узурпација на земјиштето на наведените парцели и дека на истите се наплаќа за паркирање. Што се однесува на сопственоста на парцелите и дозволите за работа на паркингот, како и неиздавањето на фискални сметки, треба да се обратите до општина Чаир и Управата за јавни приходи, согласно нивните овластувања“, велат од Министерството за внатрешни работи.

Инспекторите на Управата за јавни приходи заедно со Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи во 2022 година извршија контрола на фискалниот систем на опремата на даночните обврзници кои вршат работи на организација и одржување на паркинзи во територијата на Град Скопје . При овие проверки беа опфатени и споменатите локации. Но, тие конкретно не посочуваат дали и какви казни имаат изречено на овие локации кои се користат како паркинзи.

Велат дека евидентирале прекршување на Законот за регистрирање на готовински плаќања (ЗРГП) за неиздавање фискална сметка за промет на стоки, односно услуги, но и прекршок за неиздавање на парагон – блок за промет на стоки, односно услуги.

„За констатираните прекршоци во согласност со ЗРГП, од УЈП се изречени глоби на даночните обврзници и лицата одговорни за нив. При втората контрола, на едно правно лице му е изречена мерка запирање на вршењето на дејноста во времетраење од 15 дена. При посетата на други објекти констатирана е нерегистрирана дејност, постапено е од Државниот пазарен инспекторат согласно Законот за забрана на нерегистрирана дејност“, велат од УЈП.

Одговор ветил и Горан Трајковски, директорот на Пазарниот инспекторат, но и покрај ветувањето, до објавувањето на овој текст, инспекторатот испратил одговор.

И додека пред Судот се изведени две лица кои се обидоа да го узурпираат просторот пред Поликлиниката „Бит Пазар“, просторот зад Поликлиниката долги години е узурпиран, пишува Порталб.мк

Прочитајте повеќе

Во акција уапсени 17 припадници на затворска полиција

Во акција уапсени 17 припадници на затворска полиција

Седумнаесет припадници на затворската полиција се уапсени во голема полициска акција, информираат од Обвинителството за …