загинати и повредени во железничка несреќа во Индија

Најмалку 238 загинати и 650 повредени во страотна железничка несреќа во Индија

Најмалку 238 луѓе ги загубиле животите, а 650 се повредени во страотна железничка несреќа во Индија, во која биле вклучени три воза, јави Би-би-си. Несреќата се случила вчеравечер во 19 часот, во Баласоре во источната држава Одиша.

Претходно од Противпожарната управа на Одиша беше соопштена многу повисока бројка загинати – 288 лица, но подоцна билансот беше ревидиран.

Еден патнички воз излетал од шините, по што дел од неговите вагони удриле во товарен воз што стоел. Потоа вагони од товарниот воз завршиле на соседниот колосек каде доаѓал друг патнички воз, којшто удрил во нив.

Тоа е најтешката железничка несреќа во Индија во овој век.

Се очекува бројот на загинати да расте, бидејќи се уште има патници што се заробени во вагоните.

„Силата со која се судриле дваа воза довела до згмечување и деформирање на неколку вагони. Се обидуваме да го сечеме кршот за да дојдеме до патниците. Мора да внимаваме за да не ги повредиме луѓето што се заробени внатре“, објаснува директорот на Националните сили за реагирање при катастрофи.

Според него, ова е третата најстрашна несреќа во историјата на индиските железници.

На местото на несреќата биле испратени 200 возила на брза помош, со стотици лекари, медицински сестри и спасители, известува Би-би-си.

Еден преживеан маж објасни дека „од 10 до 15 луѓе паднале врз него кога се случила несреќата и се тргнало наопаку“.

„Бев на дното од купот. Ја повредив раката, а и задниот дел од главата. Кога излегов, видов дека некој изгубил рака, некој изгубил нога, додека нечие лице е изобличено“, објаснува преживеаниот.

Некои преживеани патници се вклучиле во извлекувањето на заглавените патници, а локалните автобуски компании во транспортот на повредените патници.

Индија има една од најголемите железнички мрежи во светот, со стотици милиони патници секој ден, но голем дел од железничката инфраструктура треба да се рехабилитира.

Најстрашната железничка несреќа во Индија се случи во 1981 година, кога пренатрупани патнички воз бил истуркан од силните ветришта и завршил в река, при што загинаа најмалку 800 луѓе. Катастрофата се случи во време на циклон во државата Бихар.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

Трамп пред суд: Прв кривичен процес против екс-претседател

За првпат во американската историја денеска почнува кривичен судски процес против еден поранешен американски претседател. …