Во написот се напоменува дека новите регрутирани лица и понатаму потпишуваат договори со Вагнер, а не со руското Министерство за одбрана. Би-би-си додава дека регрутните центри на Вагнер функционираат од Краснодар и Волгоград на југот на Русија до Калининград како најзападна точка
Платеничката војска Вагнер на Евгениј Пригожин продолжува да регрутира борци низ Русија и по воениот бунт што беше организиран во саботата, пишува Би-би-си. Новинари на Би-би-си од руски број се јавиле во регрутните центри на Вагнер низ Русија, а тамошни вработени потврдиле дека истите работат нормално.
Исто така, во написот се напоменува дека новите регрутирани лица и понатаму потпишуваат договори со Вагнер, а не со руското Министерство за одбрана. Би-би-си додава дека регрутните центри на Вагнер функционираат од Краснодар и Волгоград на југот на Русија до Калининград како најзападна точка.
Вработените во регрутните центри потврдиле дека за идните борци на Вагнер постои опција да бидат испратени во Белорусија, додавајќи дека доколку некој сака денеска да потпише договор, веќе од утре може да биде испратен во платеничката војска.
Инаку, руските ракетни напади врз Украина продолжиле и во изминатово деноноќие. Најмалку тројца цивили загинале во Херсонскиот регион како последица на руското гранатирање, јавува Укринформ. Во последните 24 часа биле испалени 434 ракети врз населени места во овој регион, а меѓу останатите градови бил погоден и Херсон.
Украинската противвоздушна одбрана на југот на Украина деноноќиево успеала да собори 10 од вкупно 13 камикази-дронови од иранско производство, кои биле лансирани од руските сили. Регионот Запорижја бил гаѓан од руската војска со ракети од систем за противвоздушна одбрана С-300, пренесува Укринформ.
И покрај тоа што воената агресија на Русија врз Украина трае веќе 16 месеци, најновото анкетно истражување на социолошкиот центар Разумков покажува пораст на процентот на украински граѓани што се подготвени да се борат за одбрана на нивната татковина, пишува Укринформ.
За разлика од 2015 година кога само 17,5 отсто од граѓаните на Украина се изјасниле оти се спремни да се борат за татковината, денес овој процент се искачил на 29. Помеѓу нив, 44 отсто од мажите рекле дека се спремни да земат оружје во рака за одбрана на Украина, како и 16 отсто од жените.
Воедно, 42 отсто од анкетираните граѓани одговориле дека се подготвени да учествуваат во одбрана на Украина доколку им се побара учество во волонтерска активност. Исто така, 21 отсто од граѓаните изразиле подготвеност нивните деца да станат професионални војници и да им служат на украинските вооружени сили. Анкетното истражување било спроведено во периодот од 23 до 31 мај годинава на примерок од 2.020 испитаници.