Важен сигнал: Советот за ССА за првпат се одржува во Скопје

Важен сигнал: Советот за ССА за првпат се одржува во Скопје

Денеска во Скопје, а утре и во Охрид, европските челници уште еднаш ќе ја демонстрираат високата посветеност на ЕУ кон напредокот и интеграцијата на земјите од регионот.

Во Скопје денеска ќе се одржи 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Северна Македонија. Со него ќе претседава премиерот Димитар Ковачевски, а копретседавач од страна на ЕУ ќе биде високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел. Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) што стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на РСМ во ЕУ.

„Важен сигнал и позитивна порака е што Советот за ССА се случува за првпат во Скопје“, вели за ДВ вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

„Последниот пред 4 години го одржавме во Брисел. На состанокот на Советот за ССА, кој е прв откако го започнавме процесот на преговори со ЕУ, ќе имаме можност да разговараме за напредокот на земјата, реформската агенда и планираните активности за понатамошниот тек на евроинтеграцискиот процес. Тоа што сме во напредна фаза на скрининг процесот, ни дава повеќе аргументи кои ќе ги искористиме на состанокот“, вели Маричиќ.

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, Северна Македонија
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ: Важен сигнал е што Советот за ССА за првпат се одржува во Скопје

Во делегацијата на ЕУ се комесарот за добрососедска политика и проширување Оливер Вархеји и претставници на земјите членки на ЕУ и на европските институции. Борел и Вархеји вчера попладне пристигнаа во Скопје по посетата на Тирана, каде учествуваа на 12. Совет за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и Албанија.

„Политичка поддршка што ја имаме државите од Западен Балкан, треба да ја искористиме и да ги загарантираме стабилноста, мирот и европската перспектива на регионот“, порача вчера Маричиќ откако ги пречека Борел и Вархеји на скопскиот аеродром.

Геополитички приоритет

Состанокот добива уште поголемо значење, бидејќи се одржува во време на засилен ангажман на ЕУ во регионот на Западен Балкан, и од аспект на напредокот и подготовките за членство во ЕУ, и од аспект на јакнење на дијалогот за нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово. Еврокомесарот Вархеји вчера од Тирана испрати порака за посветеноста на ЕУ кон овие прашања.

„За нас Балканот е геополитички приоритет. Тоа значи дека сакаме овој регион што е можно поскоро да биде дел од ЕУ“, изјави Вархеји.

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски
Македонскиот премиер Димитар Ковачевски: Уставните измени ѝ се потребни на државата

За време на посетата на Скопје, Борел треба да се сретне со претседателот Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и претседателот на Собранието, Талат Џафери, со заменик-претседателите, координаторите на политичките партии и претседавачи на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања при Собранието. Се очекува во разговорите да доминира пораката за важноста на интеграцискиот процес, и обврските на земјата на тој пат. На тие обврски вчера се осврна и премиерот Ковачевски.

„Од обврските што земјата ги има кон Европската Унија во интеграцискиот процес не може и не смее да се прави дневна политика“, порача премиерот.

„До целосното зачленување во ЕУ, нашата држава треба да донесе одредени одлуки кои се однесуваат на исполнување на критериумите од ЕУ и обврските од Преговарачката рамка која е усвоена со заклучоци од страна на македонското Собрание со мнозинство гласови. Од тие обврски не може да се прави дневна политика бидејќи и до крајот на зачленувањето ќе имаме уште одлуки кои ќе треба да се носат со две третини во Собранието“, изјави на ТВ Сител Ковачевски.

Тој рече дека уставните измени ѝ се потребни на државата, и дека за разлика од претходно кога сме имале вето од други – сега за првпат можеме самите себеси да се блокираме.

Александар Вучиќ, Албин Курти, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак
Српскиот претседател Александар Вучиќ, косовскиот премиер Албин Курти и претставниците на ЕУ, Жозеп Борел и Мирослав Лајчак во Брисел

Утре во Охрид

Северна Македонија, која го има епитетот на земја што низ дијалог ги решава прашањата со соседите, утре во крајезерскиот град ќе биде домаќин на нова средба меѓу косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, на која ќе претходат нивни одвоени разговори со Борел и со специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак.

„Како земја која е позитивен пример за решавање на отворените прашања со соседите по дипломатски пат, наша задача е да овозможиме услови и атмосфера за средбата која ќе се случи утре во Охрид помеѓу Курти и Вучиќ“, вели Маричиќ.

„Знаејќи ја важноста од надминување на споровите и придобивките од стабилен, мирен и со европска перспектива регион, се надевам дека со добри вести ќе заминат од нашата земја. Верувам дека низ конструктивен дијалог ќе се надминат разликите и по нашиот пример регионот ќе реши децениски прашања и заеднички ќе го движиме кон ЕУ“, потенцира македонскиот вицепремиер за европски прашања.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, престојува во регионот и во Северна Македонија

На разговорите во Охрид ќе присуствува и специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, кој таму пристигнува непосредно по средбата со Вучиќ во Белград и со Курти во Приштина. Тема на дијалогот е прифаќање на конкретен патокоз за имплементација на сѐто она што е договорено досега меѓу Белград и Приштина. Иако Вучиќ ги спушти очекувањата од средбата со изјава дека „нема да има никаков судбоносен ден во Охрид“, сепак најави дека Србија ќе продолжи да работи на нормализација на односите, да биде конструктивена партнер на ЕУ, но и дека цврсто ќе ги држи „црвените линии“ на земјата.

Премиерот Ковачевски, кој во почетокот на март се сретна со Курти на маргините на Економскиот форум во Скопје, го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, со кој се гарантира мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот, не само на двете земји, туку и на регионот во целина. Притоа ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија, во својство на претседавач со ОБСЕ, да го помогне процесот.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Ковачевски: Нашата борба за европска Македонија продолжува, никогаш нема да се откажеме од европската иднина

Денес е тежок удар за европската перспектива, но, се уште не е доцна да се …