Велигден од нашето детство

Велигден од нашето детство

Пишува: Зоран Милошески

Во тие не толку дамнешни времиња, празнувањето на Велигден имаше своја особеност.

Колку што ме служи сеќавањето, во годините кога бевме дечишта и кога нестрпливо чекавме што побргу да пораснеме, да бидиме големи и зрели, времето за Велигден секогаш било убаво. Сончево, топло. Не жешко, ами, топло. Таман колку за блуза со куси ракави. И, напати, куси пантолони.

Паметам, наближувањето на Велигден ја мобилизираше целата улица. Возрасните, помладите и најстарите… сите до еден. Редум.

Ние, децата од горно Варошко маало, Велигден го чекавме, шо би се рекло, како „јајце велигденско“. Оти, пристигнувањето на празникот подразбираше нова гардероба. Ако ништо повеќе барем едно блузиче. За чупињата фустанче. И нови лакирани чевли. Без исклучок.

Јајцата се вапцуваа само во црвена боја, а шетањето по роднини не беше некој предизвик. Главниот настан се случуваше тука, пред нашите куќи. На неасфалтираната и прашлива „Кузман Јосифоски“. Од ѕидот на Монополот, до кај Клацковци. Тоа беше „модната писта“ на која дефилиравме сите со ред – и машко и женско.

Девојчињата: Марика и Каролина, Донка, сестра ми Снежана, Цветанка и нејзината сестра Павлина, Винета, Билјана, Славица и Бети, Летка… И ние, машкуданците, во речиси симболичен број спрема нив: Златко Трената, јас и Борка Зијата, нешто подоцна и Хенесо, Марјан Мусо, Шоле, Горан и Љупчо…

Мајките, поим за домаќинлак. Пердињата и теписите испрани, пенџерињата избришани, дворовите изметени, децата дотерани. За ручек јагнешко – печено или со спанаќ.

Татковците, со поинаков адет за денот. Дотерани и пицосани како за на бендис. Ранорано излезени на улица, да го фатат денот совреме. Пантолоните испеглани на раб, филтер „Југославија“ во левиот џеб од белата кошула без машна. Насмеани, дружељубиви и полни со позитивна енергија.

Бабите, стуткани една до друга на камењата пред портите, евоцираа спомени за моминските денови. Дедовците, пак, седнати на дрвените столчиња во дворовите пушеа качак чиј чад се гледаше од долномаало, муабетеа за тутунот. Кај и да е, ќе треба да се сеат расади, да се бараат орачи за нивите…

Улицата блескаше од радост и среќа. По комшиска линија, секој секому ќе му појдеше на гости. На ракија или две. Најмногу до три-четири. И уште една за “создравје“. Да врти дружбата. И почитта. Никогаш замерки, секогаш со добрамисла. Оти, Велигден само така го личи.

Христос воскресна! Навистина воскресна!

Честит и за многугодини Велигден!

Прочитајте повеќе

Камшикот, од блиску дојде

Камшикот, од блиску дојде

Сумираната парола од вчерашните избори е „ви помина ли меракот?” Бидејќи, Македонија вчера гласаше „против“. …