(ВИДЕО) Ковачевски: Отворен Балкан е нашата заедничка шанса за подобра иднина и животен стандард за нашите држави и нашите граѓани

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски денеска се обрати на официјалното отворање на Првиот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска Визија на Отворен Балкан“ во Белград. Саемот се одржува со покровителство на Република Северна Македонија, Република Србија и Република Албанија од 1 до 4 септември.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Ковачевски.

„Почитувани Александар и Еди – претседател на Република Србија, премиер на Република Албанија, почитувана Ана Брнабиќ, почитуван мој пријател Дритан Абазовиќ, премиер на Црна Гора.

Почитувани министри од Србија, Албанија, Северна Македонија,

Почитувани претседатели на стопански комори, почитувани гости и пред се почитувани излагачи на вина на овој велелепен саем.

Почитувани меѓународни претставници: дипломати, од Атлантскиот совет, туристички агенции и од културни установи кои што се присутни денес тука.

Добредојде и од мене на првиот Меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“, дел од регионалната иницијатива Отворен Балкан.

Навистина ми е драго што сме тука заедно за да видиме како во пракса функционираат иницијативи како Отворен Балкан чија примарна цел е поттикнување на економски развој на регионот. Многумина прашуваат дали Отворен Балкан е политичка организација и ние постојано повторувавме дека Отворен Балкан е економска пред се иницијатива и денес тоа го потврдивме.

Тука денес, ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари за нив, нови пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии, пристапи во работата. Отворен Балкан денес покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство.

Овој Саем е можност да поставиме нова динамика во регионалните односи и да обезбедиме економски просперитет за нашите граѓани и компании.

За прв пат на еден Меѓународен саем за храна, вино и туризам, со поддршка на својата држава, од Северна Македонија присуствуваат претставници на 42 винарии и 3 дестилерии кои ќе се претстават со повеќе од 300 различни вина и ракии, а ќе присуствуваат и над 10 производители на храна.

Дали е можно ваков Саем да се направи само во Северна Македонија или само во Албанија или само во Србија. Не е можно. Затоа што олкав број на излагачи е можно само ако го направиме заедно.

Денес, сите тие, имаат рамноправна шанса да ги прикажат своите производи на Саемот пред стотици илјади присутни и да остварат пласмани, пазари и контакти со присутните компании.

За сите присутни компании овој Саем во рамки на Отворениот Балкан значи отворени шанси за деловни контакти на меѓународно ниво, отворени можности за нови пласмани но и можности за нови приливи на средства, преку развој или проширување на производството и нови инвестиции. И значајно, овој Саем прв пат од ваков вид, којшто верувам дека ќе прерасне во традиција, значи нови можности кон обезбедување на егзистенцијата – своја или на компаниите и вработените.

На овој Саем, ние ги вкрстивме винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производители и откупувачите и дестилатите од регионот. Секој вид регионалното здружување е корисно, бидејќи ја зголемува конкурентноста пред светскиот пазар.

Македонското вино е со светски познат квалитет. Северна Македонија, според последните рангирања, е втор најголем извозник на вино во регионот, а 29-ти најголем извозник на вино во светот.

Веќе трета година по ред, извозот на вино од нашата држава е во пораст – и во количина и во вредност и по структура бидејќи се намалува извозот на наливно вино а се зголемува извозот на флаширано вино.

Македонските винарии, минатата година бележат зголемување за 19% на извозот во однос на 2020 година. Во Северна Македонија бројот на винарии е зголемен на 139 винарии кои произведуваат вино со врвен квалитет и капацитет од 200 милиони литри за производство на вино.

Просечното годишно производство на вино е околу 100 милиони литри, што значи дека со зголемување на извозот преку вакви саеми ќе може да се исполни целосниот капацитет за производство на светски познатото македонско вино.

Како Влада, имаме интерес да го развиваме овој сектор и затоа овозможивме меѓу другото и финансиска поддршка за малите семејни винарии, за набавка на опрема за производство, што предизвика голем интерес во нашата држава.

Покрај виното, на овој Саем посетителите ќе можат да пробаат автентична, македонска кујна преку производителите на храна кои што се тука присутни. А, ќе имаат и можност да се запознаат и со природните убавини во Северна Македонија, преку промоциите на туристички капацитети.

Сето ова денес го претставуваме под мотото „Вкуси го животот“ и порачуваме: вкусете македонско вино, вкусете македонска храна, вкусете македонска авантура.

Верувам дека заинтересираноста ќе биде огромна. И ние сме заинтересирани да ги посетиме промотивните штандови на претставниците од Србија и Албанија но и од другите земји што се тука присутни.

Штом има заинтересираност и волја за соработка меѓу нас, а покажавме дека ги има и двете, тогаш можеме и да ја зголемиме трговијата на регионално ниво, но и да си помогнеме во окрупнувањето на пласманите кон европските и светските пазари.

Со сите вакви активности во рамки на иницијативата Отворен Балкан имаме можност да ја унапредуваме егзистенцијата на луѓето кои живеат во нашите држави, сериозно да ги развиваме економиите и уверен сум – го отвораме патот кон Европа и кон светот.

Во ова време на светка криза, најтешка досега, кога сите држави во светот се пред предизвикот да ја обезбедат егзистенцијата на своите граѓани, поради последиците од војната во Украина и пандемијата, доаѓа до израз вистинското значење на Отворен Балкан.

Оваа иницијатива на Северна Македонија, Србија и Албанија, којашто почна како визија за регионална соработка, на нашиот пат кон Европската унија, денес е и нашата сериозна можност за заедничко справување со сите предизвици. Затоа, ја употребуваме секоја можност за поврзување, како прозорец кон осигурување на нашите перспективи.

Сега пред нас се нови патишта, поврзувања, развивање на регионот, сега е вистинско време заедно да ја искористиме шансата и да обезбедиме подобра иднина, подобри услови за живот и животен стандард за нашите држави и нашите граѓани. Тоа е наша обврска, тоа е заедничка придобивка за сите држави.

Сакам да споделам со вас и нешто многу лично во 1992 и 1993 година бев на школување во Соединетите Американски Држави, секое утро наставата започнуваше со телевизиски канал за средните училишта и секое утро први слики беа слики од Балканот, слики на разорување, слики на војна и слики на страдање. И тогаш кажав дека таа слика мораме да ја промениме.

Денес, сретнав еден пријател тука во хотелот во Белград, кој исто така во тоа време беше во САД и останавме добри пријатели. Денес, ме праша дали сум среќен, му кажав да, денес сум среќен, затоа што сликите кои денес ќе ги пренесат сите телевизиски канали во светот ќе бидат слики на насмеани лица, слики од пријателство, слики на земји кои можат и подобро и повеќе, бидејќи се заедно и затоа што се отворени. Дали сум на позиција премиер или на било која позиција нема да престанам да работам за отворање на границите на Балканот и моја крајна цел е укинување на границите помеѓу нашите држави, бидејќи граѓаните тоа го заслужуваат“, рече премиерот Ковачевски.

Прочитајте повеќе

Ковачевски: СДСМ им ја враќа Универзална сала на Скопје и скопјани

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Димитар Ковачевски денеска ја посети Универзалната сала, каде што …