(Видео) Обраќање на претседателот Пендаровски на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор

(Видео) Обраќање на претседателот Пендаровски на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на традиционалниот годишен прием што за претставниците на дипломатскиот кор, акредитирани во Република Северна Македонија, го приреди вчеравечер во Скопје.

Во улога на доајен на дипломатскиот кор, на приемот се обрати амбасадорот на Република Албанија, Фатос Река.

Во продолжение го проследуваме интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

Почитуван амбасадорe Река, доајен на дипломатскиот кор во Скопје,

Ваши екселенции,

Задоволство ми e да ви посакам добредојде на традиционалниот годишен прием за членовите на дипломатскиот кор акредитирани во Скопје.

Празничниот период е зад нас, но дозволете ми, на почетокот на новата 2023 година, на сите да ви посакувам добро здравје и лична среќа, а на вашите држави многу успеси и напредок на секое поле.

Ова е наше второ гледање во овој формат. За жал, изминатите две години заради пандемијата немавме можност на ваков начин да го одбележиме почетокот на годината. Но, и покрај тоа, работевме активно, воспоставивме динамична соработка со секој од вас што резултираше со голем број заеднички активности како кај нас, така и во земјите од кои доаѓате. 

Задоволен сум што во изминатиот период имав можност да реализирам значајни посети во повеќе европски држави, да остварам бројни средби со мои колеги на маргините на различни меѓународни настани, но и да бидам домаќин на претседателите на повеќе држави меѓу кои, на Сојузна Република Германија, Италијанската Република, Полска, Словачка, Словенија, Црна Гора, Латвија, Грузија.

Годинава навршуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи со дваесетина европски држави, како и 30 години од нашето зачленување во ОН. Во годината во која Република Северна Македонија претседава со ОБСЕ, овие јубилеи се можност да ги одбележиме нашите заеднички активности и да го искористиме моментот да ги зацврстиме нашите пријателски врски.

Во претстојниот период ќе бидам домаќин на најмалку три претседатели од регионот и Европа, а во текот на годината веќе договоривме неколку билатерални и мултилатерални посети. Мојата цел е надворешната политика на Северна Македонија да биде водена транспаретно и во интерес на заедничките вредности кои ги споделуваме со мирољубивите и демократски земји.

Ваши екселенции,

Не би сакал денешниот повод да го користам за долги политички говори и за повторување на моите ставови во однос на клучните домашни и меѓународни прашања, кои вам ви се добро познати. Сепак, имајќи ја во предвид сложената меѓународна ситуација, предизвиците со кои се соочуваме и дома и во регионот, во оваа прилика би сакал да споменам неколку работи.

Прво, во годината што претстои, очекувам уште поинтензивно јакнење на европската солидарност и партнерство, како и натамошно интензивирање на трансатлатските врски. Тоа е влогот, но и гаранцијата која ќе обезбеди мир, просперитет и дополнително зајакнување на демократијата и кај нас и во Европа.

Припаѓаме на генерација политичари кои се соочени со ни малку лесната задача да ги дефинираат контурите на европскиот поредок во кој ќе живеат нашите граѓани, кога војната и страдањата во Украина ќе завршат. Нашиот денешен одговор на трагичните случувања во Украина, зборува за тоа како ги замислуваме Европа и светот откако таа војна ќе заврши.

Мирот и ослободувањето на Украина се приоритет кој нема алтернатива. Преку нашето претседавање со ОБСЕ оваа година ќе се обидеме да дадеме придонес во таа смисла, заедно со сите останати субјекти.

Во овој контекст е важно дали ќе дозволиме историјата да ни се повторува на тој начин што анахроните политички режими ќе управуваат со нашите животи и ќе решаваат за нашата иднина. Демократијата мора да надвладее, а најголемата одговорност за тоа ја имаат оние држави кои ги отворија вратите на демократијата за нашите општества кога Берлинскиот ѕид беше срушен пред повеќе од 30 години.

Затоа ова е време кога декларативните заложби треба да бидат заменети со смели одлуки без разлика дали станува збор за воената и хуманитарна помош за Украина, проширувањето на Европската унија или за безбедноста и економскиот напредок на целиот европскиот простор. 

Второ, како и досега, во рамките на моите надлежности ќе настојувам, Северна Македонија да продолжи по патот на евроинтеграциите, дијалогот и соработката со сите соседи.  

Сепак, морам да нагласам дека за мојата држава изминатиот период беше исполнет со големи предизвици и непринципиелни напади врз идентитетските параметри со кои можеби, на вербално ниво, само уште Украина се има соочено во поновата историја на Европа. 

И во такви услови покажавме зрелост и визија, носејќи одлуки за кои знаевме дека ќе бидеме критикувани од дел од јавноста, кои можат да ја намалат нашата популарност и кои, од некои дури можат да бидат протолкувани како наша попустливост, па дури и слабост. Без лажна скромност, досега сме единствени во регионот кои покажавме капацитет за компромис за тешки прашања и дека кога велиме дека веруваме во вредностите на демократијата, тоа за нас не е само реторика, а најмалку слабост. Преку тие компромиси, станавме членка на НАТО и ја отворивме првата фаза од преговорите со ЕУ. 

По три години членство во Алијансата верувам дека повеќе никој не се сомнева дека и мала земја како Северна Македонија може да биде значаен партнер и да придонесува за мирот во регионални и во европски рамки. 

Истовремено, оваа година очекуваме да ја финишираме скрининг фазата од преговарачкиот процес со Унијата и да преминеме кон отворање на кластерите. Уставните промени би требало да бидат наскоро на домашната агенда и во овој контекст, потребна ни е атмосфера во која сите про-европски сили ќе може да се обединат и да ги испорачаат тие промени. Тој процес нема да биде лесен, а секоја натамошна провокација или атак врз нашиот идентитет, само дополнително ќе го усложнува. Со други зборови, потребен е стабилен амбиент и предвидливост на европскиот пат. 

Притоа, не смееме да заборавиме дека европските интеграции за нас не значат само добрососедски односи, туку и економски прогрес, сериозни реформи и реална, а не реторичка борба против високата корупција. 

Трето, регионот во кој живееме е особено погоден од случувањата во Украина, без разлика дали станува збор за економско-социјалните последици или пак за изложеноста на хибридните закани и кампањите на лажни вести. Минатата година, отворањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија, кандидатскиот статус на БиХ, одлуката за укинување на визите за Косово и серијата економски мерки за поддршка на националните стопанства, делумно го повратија кредибилитетот на Европската Унија во регионот. Ваквите политики ќе имаат стабилизирачки ефект на подолг рок само ако бидат базирани врз долгорочна стратегија за целосна интеграција на регионот во Унијата, и ако не се само одговор на војната во Украина. Просперитетен регион фокусиран на соработка, а, не врз конфронтации е возможен само ако Европската Унија е наш заеднички именител.

Ваши екселенции,

До крајот на мојот мандат јас и мојот кабинет остануваме да бидеме целосно отворени за соработка со сите вас, со цел да ги продлабочиме нашите односи за сите прашања од заемен интерес, водејќи се од истите принципи на рамноправност и споделени вредности, како и до сега.

На крајот, дозволете ми, уште еднаш, да посакам благосостојба и напредок на вашите држави и организации, а вам лично, многу среќа, здравје и успеси.

За успешна година!

Прочитајте повеќе

земјотрес

Во Берово и Пехчево почуствуван земјотрес со јачина од 3,2 степени

Според досегашните податоци, земјотресот е почувствуван од жителите овие подрачја, а интензитетот се движи од …