(Видео) Потпишан договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д, започнува реализацијата на еден од најголемите инфраструктурни проекти

(Видео) Потпишан договорот за изградба на Коридорот 8 и 10д, започнува реализацијата на еден од најголемите инфраструктурни проекти

Денеска, во Владата беше потпишан Договорот за изградба на Коридорот 8 и Коридор 10 д, помеѓу Министерството за транспорт и врски, Јавното претпријатие за државни патишта и конзорциумот „Бехтел и Енка“.

На настанот присуствуваа претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, претставниците на конзорциумот Бехтел и Енка, Марк Алисон и Мехмет Тара, како и амбасадорката на САД во Република Северна Македонија, Анџела Прајс Агелер и амбасадорот на Турција во Република Северна Македонија, Хасан Мехмет Секизќок.

„Драго ми е и се гордеам што приоритетите на Владата стануваат реалност. Нашите напори за модерна патна и железничка инфраструктура, како и регионално и меѓународно поврзување се веќе видливи. Нашата цел е поврзана и економски развиена земја членка на ЕУ. Овој историски проект значи реализација на една голема стратешка определба. Инвестициите во патната инфраструктура се еден од главните приоритети на Владата на што ставаме посебен фокус, затоа што развиваме инфраструктура која што значи развој на економијата. Изградбата на oвие автопатски делници е од исклучително значење за подигнување на нивото на квалитетот на патната инфраструктура и сообраќај. Преку делниците од Коридорот 8 и Коридорот 10 д, Република Северна Македонија станува уште позначајна регионална и меѓународна транспортна рута и уште позабележителна на светската инвеститорска мапа“, истакна премиерот Ковачевски, во своето обраќаање на денешното потпишување на договорот за изградбата на двата коридори.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, во своето обраќање, потенцираше:

„Ова е најголем инфраструктурен проект во нашата држава. Навистина сме благодарни што две години по потпишувањето на меморандумот со Бехтел и Енка во Владата дојдовме до завршување на сите постапки и преговори за да го потпишеме договорот и да започнеме со работните активности во претстојните недели. Ова е само почеток на една фантастична приказна со која ќе градиме автопати во нашата држава. Гледам дека сите граѓани се многу уверени дека овој проект е безбеден во рацете на конзорциумот. Во име на управниот комитет тука со премиерот и целата Влада ви посакуваме успех“, рече првиот вицепремиер Груби, изразувајќи благодарност до Амбасадата на САД за поддршка на процесот.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, во своето обраќање истакна:

„Ако минатата година го започнавме најголемиот проект од осамостојувањето до денес во делот на желензичката инфраструктура, денес започнуваме со реализација на најголемиот проект во дел на патната инфраструктура. Договорот што денес го потпишуваме со изведувачот е прв чекор за изградба на модерна и патна инфраструктура на коридорите 8 и 10 д. Со овој проект покажуваме дека инфраструктурата е најголемиот приоритет на оваа Влада“. Тој додаде дека државата не смее да губи повеќе време на калкулации и дека е потребна акција за да изградиме модерна патна инфраструктура и да ја одржиме стратешката позиција во регионот.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми нагласи дека денес се потпишува договор за идните генерации, договор за иднината на секој граѓанин на Република Северна Македонија.

„Со овој Договор ќе започнат со изградба четирите патни правци, и тоа: автопатот Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга–Ќафасан, и автопатот Прилеп – Битола. Отпочнувањето со реализација на четирите автопатски делници е историски момент, бидејќи се работи за најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор, кои ќе придонесат за побрз економски развој, подобри врски со соседите и со меѓународните коридори, како и побрзо и безбедно патување на учесниците во сообраќајот“, рече Рустеми, во своето обраќање.

„Задоволство е да се биде тука. Драго ми е што ќе работиме со Владата на РСМ на овој навистина возбудлив проект за транспорт. Патната поврзаност низ регионот и во Северна Македонија се навистина важни. Бехтел и Енка имаат голема историјата во испорачувањето на проекти и особено сложени проекти. Ја презедовме одговорноста да одржиме најголем стандард што е мошне сериозно за овој проект. Се радуваме за неговиот почеток. Благодарам за можноста“, изјави Марк Алисон, генерален директор за нискоградба „Бехтел“.

Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Со договорот се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри.

Прочитајте повеќе

Филипче на Сител

Филипче: Додека оперирам специјализантите најмногу учат со мене (ВИДЕО)

Многупати досега д-р Венко Филипче зборувал за поддршката што им ја давал на своите помлади …