(Видео) Премиерот Ковачевски и министерот Николовски на првиот пазарен ден на новиот градски пазар во Делчево

(Видео) Премиерот Ковачевски и министерот Николовски на првиот пазарен ден на новиот градски пазар во Делчево

Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски и редовната продавачка на производи на градскиот пазар, Весна Милчевска симболично, со сечење балони, го означија почетокот на работата на новиот градски пазар во Делчево со што објектот се предава на користење на пазарџиите, за да го развиваат својот бизнис и да придонесат за развој на локалната економија.

На првиот пазарен ден на современиот градски пазар без присутни премиерот Димитар Ковачевски, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски, пратеници во Собранието на РСМ кои заедно со градоначалникот Трајковски го посетија пазарот и разговараа и со продавачите и со купувачите за условите, но и за значењето на овој капитален економски објект за Делчево.

Владата силно и посветено работи на рамномерен регионален развој во државата, затоа што развиени општини значат силна и развиена економија, истакна премиерот Ковачевски во своето обраќање.

  • Еве, ова значи за граѓаните да имаат европски ориентирана Влада, којашто единствено може да обезбеди европски квалитет на живот дома и задржување на младите во нашата родна земја. И нема да дозволиме антиевропските субјекти да ги закочат европските перспективи на граѓаните, за свои цели, а луѓето да чекаат во 21-от век да добијат елементарна услуга – Градски пазар. Нам ни е важно да го поддржуваме развојот на општините, затоа што секој граѓанин во секоја општина заслужува пристојни и подобри услови за живот, од инфраструктурен, социјален, образовен, здравствен, од секој аспект.  Честитки до градоначалникот за реализацијата на овој проект, за поддршката од надлежните институции. Продолжуваме со силно темпо да градиме Европска Северна Македонија. И тоа, на изненадување на сите, до 2030 година, ќе биде реланост, порача Ковачевски.

Изградбата на овој пазар ќе го направи Делчево, како погранично место, економски центар, не само за градот, туку и регионот, потенцираше министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и додаде дека МЗШВ преку Програмата за рурален развој поддржува проекти кои се насочени конкретно кон развој на општините, развој на руралните средини, проекти кои го подобруваат животот на граѓаните. 

  • И токму овде во Општина Делчево преку Програмата за рурален развој, покрај изградбата на градскиот пазар, за периодот од  2017 до 2022 година, сме поддржале проекти во вредност од 44,7 милиони денари. Преку мерките, 112, 113 и 115 на МЗШВ, за Далчево како земјоделска општина, сме дале поддршка на дваесет апликации за поддршка на млади земјоделци со грант од 10.000 и 20.000 евра и поддршка за активен женски член во земјоделско домаќинство со грант од 3.000 евра, рече Николовски.

Делчево е релативно мала општина која се стреми, како во големите градови да создава услови кои ќе донесат развој на локалниот бизнис, потенцираше градоначалникот Трајковски и додаде дека современиот градски пазар гради нов имиџ на градот, воведува нови стандарди и ќе овозможи Делчево да го има приматот во пограничниот регион во меѓуграничната размена на стоки и услуги.

  • Верувајте, нема поубав ден за еден градоначалник, од денот кога ќе се заврши и ќе се стави во функција еден капитален проект, како што е сега, новиот градски пазар, ветуван со децении. Ова е објект кој ќе остане да сведочи за генерации и генерации граѓани и е уште еден доказ дека, кога се работи посветено, одговорно и домаќински, нема што не може да се направи за своите граѓани. Делчево успеа и овој пат, да се издигне над проблемите и во интерес на граѓаните да го добие овој капитален објект.  Градскиот пазар е реалност и за граѓаните и за пазарџиите од Делчево и регионот, па со задоволство денес им го предаваме, за да го користат, да го развиваат својот бизнис и да бидат горди што се дел од новaта приказна на Делчево, истакна Трајковски.

Новиот градски пазар располага со 18 дуќани, 192 продажни пунктови, како и 4 санитарни јазли. Вкупната вредност на новиот градски пазар е 45 милиони денари. Од нив 50% се средства инвестирани од Општина Делчево, а останатите се од Владата на РСМ преку Агенција за финансиска поддршка на руралниот развој и преку Центарот за развој на Источно-планскиот регион. Со одлука на Советот, новиот градски пазар е даден на трајно користење на ЈКП „Брегалница“.

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …