вакцина

Вистиномер: Ковид вакцините ниту содржат графен оксид, ниту се чистат со суплементи

Во постот што го рецензираме се посочуваат суплементи кои наводно „чистат“ од вакцината, односно го отстрануваат графен оксидот наводно внесен при вакцинацијата. Но, ниту една од вакцините против ковид-19 кои се достапни ширум светот, произведени од Фајзер, Модерна, Џенсен, Астра Зенека, не содржи графен оксид во нивните листи на состојки кои се јавно достапни. Во текот на вакциналната кампања антивакциналните кругови ја манипулираа јавноста со различни „третмани за отстранување на ефектите од вакцината”. Медицински експерти тогаш ги предупредува антиваксерите дека детокс рутините нема да ги „девакцинираат“. Што се однесува на делот од постот во кој се споменува познатата кемтрејлс теорија на заговор, Вистиномер ваквите тврдења многупати досега ги има дебанкирано, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека порталот Sвездене стазе, објавува како да се „исчистите од ковид вакцините“. Во продолжение на постот, се споделува и споменатиот текст, според кој, пак, „симптомите на труење со графен оксид се слични на тие опишани како ковид-19“. Потоа се посочува дека „постои начин да го отстраните графен оксидот од вашето тело“, дека „графен оксидот доаѓа и со воздухот што го дишеме преку кемтрејлс“ и предложени се суплементи за наводното отстранување на графен оксидот, поточно цинк со извесен НАЦ суплемент. Според наведеното во текстот, извесен Рикардо Делгадо рекол дека тие суплементи се антиоксиданси кои им помагаат на луѓето „погодени од магнетизам после боцкањето“.

 

Во вакцините против ковид-19 нема графен оксид

Графен оксидот е материјал кој настанува со оксидација на графит. Графен оксидот се опишува како најсилниот, најмалиот и најспроводливиот материјал на земјата.

Вишиот соработник на „Фајзер“ за глобални односи со јавност за Ројтерс изјави дека:

Графен оксидот не се користи во производството на вакцината на „Фајзер“ против ковид-19.

Според листата на состојки објавена на страницата на американската Агенција за храна и лекови, состојките на вакцината на „Фајзер“ против ковид-19 се мРНК, липиди, калиум хлорид, монобазен калиум фосфат, натриум хлорид, двобазен натриум фосфат дихидрат и сахароза. Графен оксидот не се наведува како состојка.

Ниту една од другите вакцини против ковид-19 кои се достапни ширум светот, произведени од МодернаЏенсенАстра Зенека, не содржи графен оксид во нивните листи на состојки кои се јавно достапни.

 

Примерок од непознато потекло, неубедливи резултати

На 28 јуни 2021 година Пабло Кампра Мадрид, професор на универзитетот Алмериа објави извештај во кој наведе дека надвор од универзитетот спровел студија. Самиот универзитет Алмериа ја опиша неговата публикација како неофицијален извештај од универзитетски професор за анализа на примерок од непознато потекло со неможност да се следи потеклото на тој примерок. Универзитетот додаде дека извештајот на Кампра Мадрид не е нешто коешто е поддржано од нивна страна. На страниците 3 и 8 од извештајот, Кампра Мадрид анализирал примероци од вијала на вакцината на „Фајзер“ од непознато потекло со два микроскопа. Вијалата му била испратена преку пошта. Извештајот не обезбедува детали за изворот на вакциналната вијала. Во своето излагање, Кампра Мадрид вели дека споредил фотографии од вакциналната течност под микроскоп, со други фотографии од графен оксид објавени во научни списанија. Така заклучил дека „изгледале слично“.

Ројтерс во својата проверка на фактите пишува дека овие фотографии од наводниот графен оксид може да прикажуваат што било. Во својот извештај самиот Кампра Мадрид признава дека микроскопот не дава конклузивен (убелив) доказ и дека анализата доаѓа од еден, ограничен примерок, за кој нема ни познато потекло, ниту пак, може да се следи. И на крајот самиот Кампра Мадрид кажува, дека истражувањето му го нарачал Рикардо Делегадо Мартин (кој се споменува во постот што го рецензираме). Рикардо Делегадо Мартин е основач на блогот Ла квинта колумна познат по ширење мноштво дезинформации за ковид-19 и вакцините.

И проверувачите на факти на Асошиејтед прес пишуваат дека во вакцините против ковид-19 нема графен оксид. До истите факти дојдоа и проверувачите на факти на Фулфект.

Во постот што го рецензираме, се посочуваат суплементи кои наводно ќе ги отстранат ефектите од вакцината, односно графен оксидот во неа. Меѓутоа, со оглед на фактот што во вакцините против ковид-19 нема графен оксид, па самите предложени суплементи на ниеден начин не би можеле да бидат ефективни во наводното отстранувањето на графен оксидот од телото. Во текот на вакциналната кампања против ковид-19, антивакциналните кругови во повеќе наврати предлагаа, споделуваа и ја манипулираа јавноста со различни „третмани за отстранување на ефектите од вакцината”. За ваквиот тренд пишуваше и Гардијан, а лекарите во текстот на Гардијан ги предупредува антиваксерите дека детокс рутините нема да ги де-вакцинираат.

Кога ќе се вакцинирате, животоспасувачкиот вакцинален процес веќе е почнат. Не може да го вратите тоа. Не е физички возможно, изјави Ангела Размусен, вирусолог и професорка на Универзитетот Саскачеуан во Канада.

Што се однесува на делот од постот во кој се споменуваат кемтрејлс, односно долгогодишната теорија на заговор дека од авиони се прскаат луѓето со отрови со цел депопулација, Вистиномер ваквите тврдења многупати досега ги има дебанкирано.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Вакцините против ковид не содржат графен оксид, за тој да би можел да се „отстранува со суплементи“.

Прочитајте повеќе

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Д-р Сем Пауер: Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано

Парите во политиката се како вода, течат неконтролирано, можете да поставите брани, но тие ќе …