Вистиномер: Не може да се потврди дека помодрената рака на фотографијата е од вакцина на „АстраЗенека“

Вистиномер: Не може да се потврди дека помодрената рака на фотографијата е од вакцина на „АстраЗенека“

Не може да се потврди дека на фотографијата којашто се споделува со овој пост, е прикажан некој што се вакцинирал со вакцина од „АстраЗенека“. Не може да се провери ниту од кога и од каде е фотографијата. Лажно се тврди дека таа била објавена на бугарските вести. Нашето пребарување од датумот кога е објавена фотографијата и ден подоцна покажа дека само на еден блог непрофесионално е пренесен пост од извесна Катја Петрова, во кој се кажува дека ова е после вакцина со „АстраЗенека“. Меѓутоа, не е јасно која е Катја Петрова, зошто е релевантна и дали можеби не станува збор за лажен профил кој шири лажни вести, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа на дезинформации што се шират на Фејсбук. Анализата подолу ја пренесуваме во целост.

Рецензираме исклучително вирален пост на Фејсбук, споделен над 80 пати, во којшто е поставена фотографија од целосно помодрена лева надлактица. Иако во описот на фотографијата недоволно се информира за што станува збор, во коментарите се тврди дека фотографијата е од извесна Катја Петрова од Бугарија, дека ваквата фотографија е последица на вакцината против ковид-19 на производителот „АстраЗенека“ и дека информацијата наводно била објавена и на бугарските вести.

Меѓутоа, не само што оваа информација не е објавена на бугарските вести, туку е избришана од страна на авторката којашто првично ја објави. Катја Петрова се повикува на профил со име Mayya Zankova. Но, на овој Фејсбук профил нема ништо. Односно, не само што го нема овој пост, туку нема ниеден пост или сите постови на овој профил се приватни. Сето ова е крајно сомнително. Испаѓа дека трагата води до профил на Фејсбук на кој нема ништо. А, пак, начинот на кој што е напишано името (Mayya) покажува дека станува збор или за нечиј псевдоним или за лажен профил. Сепак, таа фотографија претставува основа да ја пренесе еден блог од Бугарија, а потоа и македонски сајт без импресум односно без јасно дефинирана уредничка редакциска структура, а на крајот и Фејсбук страницата ,,Фејсбук грип”.

Кога поблиску ќе ја разгледате фотографијата, за којашто се тврди дека е реакција на вакцината од „АстраЗенека“, ќе забележите дека на неа воопшто нема убод од игла. Да се земе фотографија за којашто е комплетно непознато ниту од кога е, ниту од каде е, ниту чија е, ниту кој на неа се наоѓа и од што е настанато помодрувањето, а притоа да се тврди дека тоа е последица од вакцината „АстраЗенека“ е неиздржано.

Во Македонија здравствените власти решија да не ја даваат вакцината на „АстраЗенека“ на помлади од 60 години. Причината за тоа беше потврдувањето дека има врска меѓу оваа вакцина и појавата на ретки случаи на тромбови кај мал број на млади приматели на вакцината. Но, Европската агенција за лекови и понатаму ја препорачува за употреба вакцината на „АстраЗенека“ и цела Европа продолжува да ја користи, но секоја земја самата си одлучува на која возрасна категорија граѓани ќе ја администрира.

Во конкретниот споделен пост, сосема непотврдено е дека воопшто на фотографијата е некој што се вакцинирал со вакцина од „АстраЗенека“. Не може да се провери ниту од кога и од каде е фотографијата. Лажно се тврди дека таа била објавена на бугарските вести. Нашето пребарување од датумот кога е објавена фотографијата и ден подоцна покажа дека само на еден блог непрофесионално е пренесен пост од извесна Катја Петрова, во кој се кажува дека ова е после вакцина со „АстраЗенека“. Меѓутоа, не е јасно која е Катја Петрова, зошто е релевантна и дали можеби не станува збор за лажен профил кој шири лажни вести за коишто без официјална потврда и без да си ја завршат основната новинарска работа, се фаќаат и портали без импресум како и Фејсбук страници со голем број следачи?

Кога се објавува информација дека реакцијата на раката е последица од вакцината, тоа мора да се направи со официјални информации. Такви за конкретниот случај не постојат, односно не може да се провери од каде од кога е оваа фотографија и од што е предизвикана таа состојба на раката.

Не се кажува ниту во колку случаи од вакцинираните се појавила ваква наводна реакција.

Фотографијата е злоупотребена во антивакцинална кампања, односно наратив што има за цел вон контекст да претстави наводни несакани реакции, за да ја вознемири јавноста, пишува Вистиномер.мк во својата нова анализа.

Извор:МЕТА

Прочитајте повеќе

Царинска управа колаж медикаменти

Царинска управа: Спречен шверц на 1,7 тони медикаменти штетни по здравјето на граѓаните

Царински службеници на влез на Меѓународен Аеродром Скопје спречија шверц на 1,7 тони медикаменти, Силденафил …