Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска и министерот за финансии, Драган Тевдовски денеска ги презентираа реформите на системот за социјална и детска заштита, коишто започнуваат од почетокот на следната година.
Реформата, како што рече Премиерот, пред се ќе значи надградба на социјалната парична помош, односно ќе се воведе минимален гарантиран приход. Со тоа како што истакна Премиерот Заев, граѓаните од ранливите категории секој месец ќе добиваат соодветен износ со којшто ќе можат да ги задоволат своите основни потреби.
„Од почетокот на следната година, четиричлено домаќинство во социјален ризик со едно работно неспособно лице ќе има можност да добива месечен надоместок од 11.700-тини денари.
За повеќе од 70% од корисниците на социјалната помош зголемувањето е повеќе од 300% или три пати повеќе од тоа што досега го добивале“, потенцираше Премиерот Заев на денешната прес – конференција.
Новиот систем на социјална и детска заштита ќе придонесе за извлекување на најранливите граѓани, но и на децата од сиромаштија. Реформата ќе подразбира и поддршка за комплетирање на образование на овие лица, со што тие ќе стекнат вештини и ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот.
„Воведуваме европски стандарди на социјална заштита. Европа, почитувани значи солидарност и социјална правда. Колку повеќе се доближуваме до Европската Унија, поддршката за социјална заштита постојано расте.
Европската социјална повелба ги гарантира социјалните и економските човекови права. Унијата вложува во унапредувањето на социјалните права и напорите тие да бидат рамноправно уживани од страна на сите граѓани – реформа на системот на социјална заштита, унапредување на социјалните услуги за граѓаните, интензивирање на борбата за справување со сиромаштијата и социјалната исклученост во државата, спречување на маргинализацијата од секаков вид, значително унапредување на правата и заштитата на работниците и поголема инволвираност во сите овие прашања на социјалните партнери и граѓанското општество“, додаде Премиерот Заев.
Најважно е како што рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, државата да вложува во човечкиот капитал. Реформата како што посочи таа, целосно ќе ги преобрази системите на социјалната и детската заштита и во исто време ќе ги извлече од сиромаштија најранливите категории на граѓани.
„Инвестирањето во човечкиот развој има клучна улога во економскиот успех на нацијата. Во градењето на способна и продуктивна работна сила како и во минимизирање на социјалните проблеми. Затоа со оваа реформа не само што го зголемуваме надоместокот, туку истовремено вложуваме во преквалификација на лицата кои се невработени за да може да се активираат на пазарот на трудот. Секое дете ни е важно. Се грижиме за сите деца, и за децата на приматели на социјална помош и за децата во домаќинствата со ниски примања- за сите нив предвидуваме детски и образовни надоместоци“, рече меѓу другото министерката за труд и социјална политика Мила Царовска.
На денешната прес – конференција, министерот за финансии Драган Тевдовски, пак, истакна дека обврска на Владата на Република Македонија е да посвети значителен дел од државниот буџет за намалување на сиромаштијата на возрасните, но и на децата во земјата.
„За воведување на реформиран систем на социјална и детска заштита во 2019-тата година, потребно е да се обезбедат дополнителни 2,2 милијарди денари. Со зголемување на средствата за оваа намена сакаме да обезбедиме доволно за сиромашните граѓани. Со оваа промена ќе бидеме сигурни дека нема да има гладни деца во Македонија. Ќе има придобивки за приватниот сектор и за економијата. Тие ќе бидат многукратни, секако ќе се зголеми потрошувачката на граѓаните и тоа на најранливите групи на граѓани“, додаде министерот за финансии Драган Тевдовски.