Влада: Во подготовка документ за стекнување статус Национален парк за Шар Планина и правилник за пресметка на платите и надоместоците на пожарникарите

Влада: Во подготовка документ за стекнување статус Национален парк за Шар Планина и правилник за пресметка на платите и надоместоците на пожарникарите

Владата на денешната 15-та редовна седница ја разгледа информацијата на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи за преземање дополнителни и заострени мерки и активности за превенција од ширење на корона вирусот по сугестија на Комисијата за заразни болести на Министерството за здравство.

Заклучоците со мерките на Владата кои, меѓу другото предвидуваат прекин на воспитно-образовниот процес во детските градинки, основното, средното и високото образование, забрана за масовни јавни настани и забрана за организираните патувања во високо ризичните земји, се објавени во претходното соопштение на Секторот за односи со јавност, и можете да ги најдете на следниот линк: https://vlada.mk/node/20446.

Од другите точки на денешната седница на Владата го издвојуваме заклучокот според кој барањето за итно отстапување на 143.000 литри Еуродизел БС гориво, за превоз на ученици од училиштата за средно образование на територијата на Општина Штип до завршување на учебната 2019/2020 година, се упатува до Бирото за јавни набавки со цел да се испочитува формално-правниот аспект на барањето за позитивен одговор на барањето на Општина Штип.

Владата денеска ја разгледа и усвои информација за статус на прогласување на Шар Планина за заштитено подрачје во категоријата национален парк и му препорача на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) да го издвои како посебна иницијатива предлогот за прогласување на дел од Осоговските планини за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел од информативен карактер.

Согласно информацијата на МЖСПП, Владата им препорача на сите сектори вклучени во подготовката за определување на статусот национален парк (економија, шумарство, ловство, енергетика, транспорт, одбрана, туризам и др.), во рок од 15 дена да го достават своето мислење, по што МЖСПП ќе достави усогласен предлог до Владата на Република Северна Македонија за донесување Одлука за прифатливоста на предлогот за прогласување на дел од Шар Планина во категоријата национален парк.

На оваа своја седница Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за редефинирање на начинот и утврдување на критериумите за наменските и блок дотации за општините која има за цел да обезбеди зголемена фискална автономија на општините за да располагаат со доволно средства за спроведување на пренесените надлежности на ефикасен и ефективен начин, одржувајќи притоа висок степен на фискална дисциплина.

Според информацијата се предлага системот на финансирање со блок дотации да се заснова на начелото на финансирање на надлежности (функции), а не на институции и во таа насока да се унапреди со воведување систем за воедначување и преземање секторски мерки за зајакнување на секторската (функционална) децентрализација.

На денешната седница е разгледана и информацијата за потребата од законска пресметка и исплата на платите и надоместоците на плати на вработените во територијалните противпожарни единици (ТППЕ) во Република Северна Македонија, и во таа насока Владата го задолжи Министерството за локална самоуправа, и ѝ препорача на Заедницата на единиците на локалната самоуправа, заеднички да подготват постапка за подготовка на правилници за исплата на платите и надоместоците на плати на вработените во територијалните противпожарни единици.

На предлог на Министерство за финансии, Владата ја разгледа информацијата за склучување на Меморандум за соработка заради одржување на финансиска стабилност, за кој се предлага да го потпишат Народната банка на Република Северна Македонија, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, и Фондот за осигурување на депозити. Целта на меморандумот е уредување на меѓусебната соработката во следење на состојбите во финансискиот систем, преземањето активности за одржување на неговата стабилност и преземање соодветни макропрудентни мерки.

Согласно Меморандумот, ќе се формира Комитет за финансиска стабилност како меѓу институционално координативно тело и два поткомитети: Поткомитет за следење на системските ризици и предлагање макропрудентни мерки и Поткомитет за подготовка за управување со финансиска криза.

Прочитајте повеќе

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

ДПИ: Трговците вадат нови производи за да ја „прескокнат“ одлуката за маржите

Маркетите за многу краток период извадија нови производи само за да ја избегнат Одлуката за …