Владата го овласти МНР да одлучи дали ќе дозволи слетување на Лавров во Скопје

Владата го овласти МНР да одлучи дали ќе дозволи слетување на Лавров во Скопје

Владата му дала одобрение на Министерството за надворешни работи (МНР) на Северна Македонија да одлучи дали ќе се тргне забраната за прелет на руски авион со што ќе се овозможи руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, да слета во Скопје за Министерскиот совет на ОБСЕ што треба да се одржи на 30 ноември и 1 декември.

Информацијата за Радио Слободна Европа ја потврдија од МНР, а одлуката била донесена денеска (24 ноември) на владина седница.

Сепак, сè уште нема потврда дали Лавров ќе ја предводи делегацијата. Дипломатски извори во ОБСЕ, пак, брифираат дека се очекува во Скопје да дојде Марија Захарова, портпаролката на руското МНР.

Министерот Бујар Османи претходно изјави дека Лавров на почетокот на ноември испратил писмо до него во кое, како што рече шефот на дипломатијата, „покажал интерес и барање да се обезбеди негово присуство во Скопје“. Пред неколку дена Османи кажа дека се процесуираат барањата за визи на руската делегација и штом има одука, јавноста ќе биде информирана.

Но, освен Северна Македонија, дозвола за прелет руската делегација ќе треба да даде и Бугарија или Грција.

„Одлуката за санкции на ЕУ не се однесува за настани од мултилатерален карактер како што е ОБСЕ, оттука е одлука на владите што треба да ја донесат, но правен основ во ЕУ има. Сега, таква одлука треба да донесеме ние и најмалку една земја од нашите соседи. Бугарија или Грција за да може да се обезбеди прелет“, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на 15 ноември.

Министерскиот совет на ОБСЕ се гледа како клучен настан на кој би се одлучувало како ќе функционира организацијата во иднина со оглед на постојаните пречки и блокади што ги поставува Русија откако ја започна инвазијата врз Украина.

Еден од клучните предизвици е да се најде земја која ќе го презеде претседателството од Северна Македонија за следната година. Естонија е единствен кандидат, но Русија досега неколку пати стави вето. Последен пат, руската делегација излегла со негативен став на состанок на амбасадорите пред неколку дена.

Во јавноста досега се споменуваа неколку земји како можни идни претседавачи. Министерот Османи неколку пати посочуваше дека интензивно се работи на тоа да се пронајде некоја држава за која нема да се противи ниту една од 57-те земји членки на ОБСЕ.

Дипломатски извори посочуваат дека последните напори се насочени кон тоа Малта да го презеде претседателството во 2024 година. За 2025, пак, веќе е донесена одлука и тогаш со Организацијата ќе раководи Финска.

Меѓу сценаријата кои се во игра е уште еден мандат за Северна Македонија. Меѓутоа, ова Османи го посочуваше како последна опција, а и дипломатските кругови во ОБСЕ посочуваат дека би сакале да го задржат принципот за различен претседавач секоја година.

Ова не е единствениот проблем со кој се соочува ОБСЕ. Консензус земјите членки треба да постигнат и за тоа кој ќе ги пополни четири важни позиции во Организацијата: генералниот секретар, директорот на ОДИХР, високиот претставник за национални малцинства и претставникот за слобода на медиумите. Мандатот на актуелните функционери завршува на 4 декември годинава.

Извор: РСЕ

Прочитајте повеќе

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

3 Мај: Новинарите слабо платени и небезбедни

Од ССНМ и од ЗНМ велат дека Светскиот ден на слобода на медиумите – 3 …