Владата одобри 1,1 милијарда денари за континуирано снабдување со топлинска енергија

Владата одобри 1,1 милијарда денари за континуирано снабдување со топлинска енергија

На вчерашната седница, Владата одобри средства за ликвидно работење на друштвата и континуирано снабдување со топлинската енергија на потрошувачите на Град Скопје.

Беше донесена Одлука за одобрување 1,1 милијарда денари за набавка на енергенси, пред почетокот на грејната сезона, на АД за производство на електрична енергија „Електрани на Северна Македонија“, во државна сопственост, Скопје, согласно Одлуката за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија.

Со преземените соодветни мерки од страна на Владата се обезбедува непречено снабдување со топлинска енергија на градот Скопје и сигурност и стабилност при испораката на топлинска енергија до потрошувачите за време на годинешната грејна сезона.

Владата откако го разгледа, го утврди Предлог-законот за прогласување на Студенчишко Блато за заштитено подрачје – Парк на природата, кој ќе биде испратен во Собранието на натамошно одлучување.

Со донесување на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата ќе се овозможи:

  • зачувување на природната состојба на локалитетот Студенчишко Блато преку заштита на природните и други вредности;
  • спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на живеалиштата и  екосистемите;
  • создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност;
  • одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на живеалиштата и видовите.

Блатото Студенчишта претставува последен глацијален реликтен остаток на блатната вегетација во нашата држава, развиен за време на периодот на плеистоценот и е во загрозена состојба заради присуство на депонија, прекината комуникација со езерото, палење и уништување на блатната вегетација и формирање на обработливи површини.

Владата ја разгледа и Информацијата со план за активности за зголемување на приходите за 10 проценти и намалување на расходите за 20 проценти пристигната од АД „Водостопанство на Република Северна Македонија“, за која на една од претходните седници беше упатено барање од Владата за појаснување околу утврдувањето на зголемувањето на надоместокот на услугите и беше упатено барање за ревидирање на платите до АД „Водостопанство“.

Беше донесен заклучок со задолжување Управниот одбор да го раскине менаџерскиот договор со директорот и во иднина сите нови договори да се склучуваат со претходна согласност со Министерството за финансии.

Надоместоците за членовите на Управниот одбор во наредните 12 месеци да се намалат за 50 проценти.

Во насока на намалување на расходите, Владата го задолжи АД „Водостопанство“ да ги намали капиталните инвестиции во износ од 100 милиони денари со што се намалува финансискиот план за износот кој што е предложен од нивна страна.

Прочитајте повеќе

UltiMATH финале

UltiMATH финалето започна: 350 најдобри средношколци се натпреваруваат за награда од 10.000 евра

Денес започна првиот ден од финалето на UltiMATH, најголемиот натпревар по математика за средношколци во …