Претседателот на Советот на општина Прилеп, Дејан Проданоски како неосновани ги отфрли сите 400 амандмани на СДСМ и Коалицијата, односно не го прифати предлогот да бидат ставени како точки на дневниот ред на денешната 15 седница на општинскиот Совет.
Амандманите се однесуваа против предлог-одлуките на ЈКП „Водовод и канализација“, ЈКП „Комуналец“ и ЈП за просторни и урбанистички планови, со кои меѓу другото се бара поскапување водата за пиење, надоместокот за прочистување на отпадните води и за собирање на отпадот и одржување на гробните места, како и зголемување на цените на јавниот градски превоз и школскиот превоз на учениците и наставниците.
Иако на ланските избори едно од ветувањата на тогашниот кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, а сега актуелен градоначалник Борче Јовчески беше дека после неговата победа ќе ги намали сметките за вода, денеска се случи токму спротивното.
Советниците од владејачкото мнозинство не ги прифатија ниту предлозите на СДСМ и Коалицијата, со кои се бараше симнување од дневниот ред на точките кои се однесуваа на предлозите за зголемување на цените на комуналните услуги и на јавниот градски превоз.
Незадоволството од поскапување на услугите на локалните јавни претпријатија и газење на дадениот збор од страна на градоначалникот Јовчески, опозициските советници го искажаа со истакнување транспаренти.