Владина делегација во дновневна посета на Бугарија

Владина делегација во дновневна посета на Бугарија

Владин тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски од денеска ќе биде во дводневна посета на Софија. Владината делегација официјално ќе биде пречекана од бугарскиот премиер Кирил Петков попладне во 16 часот на плоштадот „Св. Александар Невски“. Двајцата премиери ќе положат венци пред Споменикот на непознатиот војник. Утре ќе се одржи заедничка седница на владите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија во резиденцијата „Бојана“ со воведно обраќање на премиерите Петков и Ковачевски.

Предвидено е да бидат потпишани неколку билатерални документи, по што двајцата премиери ќе одржат прес-конференција. Заедничката седница следува по минатонеделната посета на Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни кои треба да работат за надминување на недоразбирањата и интензивирање на соработката меѓу двете земји.

Двете влади формираа четири работни групи. Владата на Северна Македонија ги формира групите за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европска интеграција и зелени политики и за култура, наука и образование. Додека во соопштението на бугарската Влада е наведено дека се формирани групи за економија, трговија и иновации, за инфраструктура, транспорт и поврзување, за европската соработка- зелена транзиција и дигитална трансформација и владеење на правото и за културата, науката и образованието и младите. Со работа продолжува и мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања.

Ковачевски и Петков по средбата во Скопје најавија нов пристап во решавање на спорот меѓу Скопје и Софија поради кој Бугарија во 2020 година ги блокираше македонските европски интеграции. Тој пристап според најавите повеќе ќе се фокусира на економијата и иднината отколку на историјата.

Прочитајте повеќе

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Учениците во Македонија од понеделник за првпат на пролетен распуст

Покрај пролетниот распуст кој годинава за првпат се воведе во македонското образование, има промена и …