Во април околу 4.500 ученици за прв пат електронски ќе бидат тестирани за ТИМСС

Во април околу 4.500 ученици за прв пат електронски ќе бидат тестирани за ТИМСС

Во април и во мај, околу 4.500 ученици од Македонија годинава за прв пат електронски ќе бидат тестирани за да се види какви им се знаењата по предметот математика и по други предмети од областа на природните науки, информираат за Мета.мк од Државниот испитен центар (ДИЦ). ТИМСС (Trends in International Mathematics and Science Study) е меѓународната студија по математика и предмети од природни науки која ги мери знаењата во овие области во четврто и во осмо одделение.

„Република Северна Македонија е вклучена во 4 меѓународни студии: ПИСА, ТИМСС, ПИРЛС и ТАЛИС. Согласно динамиката на реализација на циклусите на овие студии оваа учебна година Државниот испитен центар за прв пат електронски ќе го спроведе ТИМСС главното тестирање во четврто одделение во 150 основни училишта на примерок од околу 4.500 ученици. Во тек се подготовки на истото“, велат во Државниот испитен центар.

Точно пред една година, во наши училишта се одржа пробно ТИМСС тестирање, наменето за ученици во четврто одделение. За прв пат беше изведено на компјутер, а за таа намена ДИЦ обезбеди повеќе од 100 лаптопи за да може да се одговори на барањата од технички аспект.

Македонија учествува и во ПИСА меѓународната студија. Главното тестирање во сите средни училишта на примерок од околу 6.500 ученици се реализираше минатата година за прв пат електронски. Резултатите ќе бидат објавени на крајот на оваа година.

ПИСА (Programe for International Student Assessment) е меѓународна студија која ги проценува способностите, знаењата и вештините на учениците во примена на она што го научиле во училиште. Се оценуваат три подрачја, оспособеност за читање со разбирање и критички пристап во читањето на пишани материјали, математичка писменост и писменост во природните науки.

Инаку, минатата година во март Мета.мк објави дека за прв пат во државата, ќе биде оценувана работата на наставниците и на директорите на училиштата, како дел од ТАЛИС истражувањето. ДИЦ за Мета.мк вели дека периодов во тек е реализација на пробното ТАЛИС истражување.

„Со него се опфатени по 30 наставници и директорите од 30 основни училишта. Идната година ќе се реализира главното истражување, по што ќе следува опсежен извештај за сите држави ученици во студијата“, информираат оттаму.

ТАЛИС е меѓународно истражување на ОЕЦД за настава и учење. Ќе се испитува како работат наставниците и директорите на училиштата во државата, за да се подобри квалитетот на нивната работа. Целта е да се види реалната состојба и врз основа на тоа да се работи на подобрување на квалитетот на работата на наставниците. Од работата и резултатите на наставниците, зависат знаењата кои учениците ги покажуваат на меѓународните истражувања.

Прочитајте повеќе

Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Обвинителство: Врховниот судија Георгиев бил фатен на дело со мито, Иџет Мемети е второосомничен

Јавен обвинител предложи притвор само за првоосомничениот кој е затекнат при извршување на кривичното дело, …