Во Бугарија ќе има предвремени избори откако БСП не успеа да формира парламентарно мнозинство

Бугарската социјалистичка партија (БСП) не успеа да формира парламентарно мнозинство и утре ќе му го врати мандатот за состав на нова влада на претседателот Румен Радев, јавува Бугарското национално радио. Претседателот на парламентарната група на БСП во актуелното собрание изјави дека одговорноста за ваквиот чин е на партиите ГЕРБ, ДПС, Има таков народ и Преродба.

Бугарскиот претседател Румен Радев ќе биде следен на потег за да го определи датумот на одржување на предвремените парламентарни избори, откако БСП денеска не успеа во бугарскиот парламент како точка на дневен ред да ја вметне програмата за работа на парламентот за наредните шест месеци. Таа доби поддршка од 119 пратеници, 106 беа „против“, а еден пратеник се воздржа од гласање.

Социјалистите веќе изјавија дека доколку се реализира нивната идеја, односно предлогот добие 121 глас „за“, тие веднаш ќе ја отпочнат постапката за избор на нова влада, со Асен Василев како кандидат за премиер.

Инаку, анкетните истражувања што редовно се спроведуваат во Бугарија покажуваат дека партијата на ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов е најпопуларна партија, со поддршка од 23 отсто од гласачите. Таа се наоѓа во благо водство пред „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков, чија партија на последната анкета објавена на 10 јули има поддршка од 21 отсто.

Во идниот бугарски парламент би влегла и БСП која има поддршка кај 12 отсто од гласачите, ДПС со поддршка од 9 отсто, про-руската партија Преродба за која би гласале 8 отсто од гласачите, а идентичен рејтинг има и Демократска Бугарија.

Партијата на поранешниот вршител на должноста премиер Стефан Јанев, Подем за Бугарија би добила пет отсто поддршка, додека сите досегашни анкети покажуваат дека Има таков народ на Слави Трифунов и ВМРО на Красимир Каракачанов не би влегле во идниот парламент.

Како евентуален датум на кој би се одржале предвремените парламентарни избори во Бугарија се посочува 2 октомври.

Извор: МЕТА

Прочитајте повеќе

Земјотрес со јачина од 5,4 степени во Црна Гора, почувствуван и во Македонија и регионот

Од црногорскиот завод подоцна информираа дека по главниот земјотрес, следувале уште 30 помали Земјотрес со …