Во чест на јубилејот 50 години Лекторат по македонски јазик, на ИНАЛКО ќе се одржи и концерт на македонска народна музика на Гаел Лекок и Анета Жорж.
Деновиве се одбележуваат 50 години од основањето на најстариот активен лекторат по македонски јазик во светот, Лекторатот по македонски јазик во Париз. Овој значаен јубилеј за македонистиката и за македонската држава и култура ќе биде одбележан со голем меѓународен симпозиум на престижниот Национален институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО).
Како што информираат од Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК), на симпозиумот ќе има учесници од седум држави – странски македонисти и слависти, универзитетски професори – лингвисти, книжевни истражувачи и културолози, книжевни преведувачи и поети.
„Со програмата на симпозиумот се предвидени три тркалезни маси, при што една од нив ќе биде посветена исклучиво на македонистиката во Франција. Со свои излагања ќе учествуваат и актуелниот лектор по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески, асс. м-р Иван Антоновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Јован Костов од Универзитетот „Пол Валери Монтпелиер 3“, информираат во МСМЈЛК.
Две тркалезни маси на симпозиумот ќе му бидат посветени и на творештвото на великанот на македонската литература и култура, Ацо Шопов. Со нив ќе продолжи и чествувањето на делото на Шопов во Париз, по повод големиот јубилеј, кое вчера на Светскиот ден на позијата започна во седиштето на УНЕСКО, но и воопшто меѓународната афирмација на неговото творештво во текот на јубилејната година, која започна со третата зимска школа на МСМЈЛК.
На симпозиумот ќе учествуваат и академиците од Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), Влада Урошевиќ и Катица Ќулавкова, која е и некогашна лекторка по македонски јазик на ИНАЛКО, како и ќерката на Шопов и истражувач на неговото дело, Јасмина Шопова.
Во чест на јубилејот 50 години Лекторат по македонски јазик, на ИНАЛКО ќе се одржи и концерт на македонска народна музика, на француската македонистка и музичарка, Гаел Лекок и Анета Жорж, пејачка и композиторка, професорка на Американската школа за модерна музика во Париз (вокал, кавал и тамбура).
По отворањето на Лекторатот во Париз пред 50 години, следуваше засилено присуство на македонскиот јазик, литература и култура во наставата на странските високообразовни институции.