Во Ротимље одбележана 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Во Ротимље одбележана 20-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски и членовите на делегацијата

Со положување свежо цвеќе на спомен-обележјето во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина, денеска беше одбележана 20-годишнината од трагичната смрт на поранешниот претседател Борис Трајковски, членовите на делегацијата и екипажот на авионот.

На спомен-обележјето кај Ротимље каде што се случи несреќата, свежо цвеќе положија и претставници од владината делегација составена од: министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање, полковник Билјана Блажеска, претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, пратеници од македонското собрание, како и претставници од Армијата на Република Северна Македонија, ЕУФОР-БиХ.

Од име на Владата на Република Северна Македонија, а во чест и спомен на поранешниот претседател Борис Трајковски, пригодно обраќање имаше шефот на делегацијата, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Oва спомен-обележје не е само паметник на трагичниот миг. Ова е потсетник за сите генерации дека Македонија имала и има доблесни и решителни луѓе кои следејќи ја својата визија, својот сон, имаа храброст да гледаат во иднината. Денес нашата земја е членка на НАТО и на дофат ѝ е членството во Европската Унија. Визијата на Трајковски ме остава во уверување дека и сега тој не би се двоумел што е најисправно да се направи иако и самиот тој знаел дека луѓето со визија се осудени да бидат подоцна разбрани“, рече министерката Костадиновска-Стојчевска во своето обраќање.

Пред спомен-обележјето, заедно со македонската делегација почит оддадоа и високи претставници од Босна и Херцеговина и од градот Мостар.

На денешен ден, 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

Прочитајте повеќе

Филипче-Пендаровски

Пендаровски за Филипче: Многу човечки животи се спасени заради неговите интервенции

„Многу човечки животи се спасени заради неговите интервенции, неговите дијагнози, неговите операции. Просто кажано, станува …